26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Грковска-НМС: Oд клучно значење е гласот на младите во нашата земја, заедно мораме да ги подобруваме младинските политики

Заменичката на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, денеска оствари средба со претставници од Националниот Младински Совет, како и со претставници на други младински организации со кои разговараше за идна соработка во неколку области клучни за младите.

Вицепремиерката Грковска ја истакна важноста на интегритетот како клучен принцип во градењето на демократското и просперитетно општество кое нуди еднакви можности за сите.

„Интегритетот мора да биде дел од карактерот на секој млад човек, доколку сакаме да имаме вистински промени во нашето општество. Промените во општеството зависат од сите нас и секој од нас со своето однесување може да направи промени”, потенцираше вицепремиерката Грковска.

Претставниците на младинските организации ја изразија важноста избраните функционери, како креатори на политики и носители на одлуки, да бидат блиску до нив и да ги слушнат нивните предлози, идеи и потреби во процесот на подобрувањето на младинските политики.

Тие посочија дека апатијата која се појавува кај младите ќе биде надмината доколку заедно со Владата соработуваат на теми кои се важни за нив. Проблемите со правосудниот систем, корупцијата во земјата, како и можностите за просперитет се причините поради кои младите се одлучуваат да заминат од земјата и затоа на овие прашања мора интензивно да се работи.
Вицепремиерката Грковска нагласи дека во наредниот период во фокусот на нејзината работа ќе бидат прашања кои се од клучна важност за младите.

„Од клучно значење за мене е да го слушнам гласот на младите, големиот број на предлози и идеи кои ги слушам од вас, ми дава насока во која треба заедно да ги градиме младинските политики, кои се важни за секое демократско општество”, додаде Грковска.