Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
+Македонија

Маричиќ за „Цивил“: Потврден е европскиот пат, треба само да го задржиме стабилен

Заменик претседателот за на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, на годишниот мултимедијален јавен настан на ЦИВИЛ – „Перспективи 2023“, вели дека Северна Македонија веќе го има потврдено европскиот пат, но дека сега треба да се задржи стабилен.

-За тоа ни е потребен сериозен политички консензус околу прашањето за иднината и правецот на движење на Северна Македонија во следните 10 години. Тоа е темелот и предуслов за успешно заокружување на овој национален проект, рече Маричиќ.

Тој додава дека граѓаните бараат и сакаат концепт кој носи извесност, реформи, неповратни фондови за развој на земјата и затоа според Маричиќ ова ќе биде година која ќе им потврди на граѓаните кој е искрен во намерите за трансформација на македонското општество на подобро, а кој бега од промените кои ги носи процесот на преговори.

-Политичко обединување и гаранција дека нема да стагнира земјата и дека ќе продолжи да се движи по патот кој носи стабилност, просперитет, нови можности и кој гради уредена држава, во која има функционални демократски институции, посочи Маричиќ.

То потенцира дека последните години Владата покажува искрен и отворен пристап во спроведувањето на реформите и дека застануваат одговорно пред прашањата од областа на правосудството, борбата против корупцијата, подобрувањето на слободата на медиумите и слободата на изразување, кои беа со забелешки и во Извештајот на Европската комисија за 2022 година.

-Ги актуализиравме овие клучни прашања со цел поинтензивно да продолжат реформите и напредокот во најважните поглавја во преговорите со ЕУ. Владата има јасен план и визија на европеизација и трансформација на македонското општество, која ќе овозможи земјата да се движи по зацртаната траекторија кон ЕУ, вели Маричиќ за „Цивил“.

Маричиќ истакна дека ова е време кога треба да се надминат тесно-партиските интереси, и да не дозволиме, после 17 години поминати во чекалната на ЕУ, да се однесуваме неодговорно и да се доведеме во ситуација домашен политички фактор да биде кочница и да ја блокира државата на патот кон ЕУ.
-Очекувам годинава за Северна Македонија ќе биде уште поуспешна од претходната и ќе ја завршиме со одржување на втората Меѓувладина конференција и отворање на првиот Кластер, вели главниот преговарач со ЕУ, Маричиќ.
На прашањето: Како ќе ја оцените годината што изминува, вицепремиерот Маричиќ кажа дека 2022 беше динамична и година со многу предизвици и неизвесност, како дома така и на меѓународен план, но за Северна Македонија беше и успешна година во која ги започнавме преговорите со Европската унија и ја поставивме земјата на експресниот пат на реформи и трансформација.
-Немавме право во време на турбуленции и безбедносни предизвици да ја ставаме под знак прашалник европска перспектива на земјата. Со Францускиот предлог и неговото усвојување од страна на парламентарното мнозинство, успеавме на европски начин, да најдеме решение за разликите и отворените прашања со Бугарија и после 17 години чекање официјално да го започнеме процесот на преговори со ЕУ, додаде Маричиќ.