15.8 C
Скопје
29. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
+МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Османи-Кулеба: Нападите врз цивилни цели немаат никакво оправдување

Силна осуда за континуираната руска агресија против Украина, изрази актуелниот Претседавач со ОБСЕ Бујар Османи кој денес го посети Киев и оствари работна средба со украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба.

Османи на средбата истакна дека нападите врз цивилни цели немаат никакво оправдување и го осуди последниот напад што се случи во Днепар, во кој имаше и цивилни жртви и повредени деца, повикувајќи ја Руската Федерација да ја прекине војната и да се посвети на принципите на ОБСЕ.

„Ова не е првпат да ја посетам Украина од почетокот на агресијата. Се надевав дека агресијата ќе престане и дека страдањата на луѓето ќе ги нема, кога повторно ќе ја посетам Украина во својство на претседавач со ОБСЕ. Секое повторно лично сведочење на уништени домови и уништени човечки судбини одново предизвикува вознемиреност. Стоејќи овде како претседавач со ОБСЕ, ја повикувам Руската Федерација да ја прекине оваа војна, да ги повлече своите трупи од Украина, повторно да се посвети на принципите и вредностите на ОБСЕ и одново да се приклони кон дипломатијата“ изјави Османи.

На средбата со Кулеба Османи повтори дека Украина ќе остане главен приоритет за време на претседавањето со ОБСЕ на Северна Македонија во 2023 година. Тој повика на одговорност за сите уништени животи.

„Канцеларијата на Високиот Комесар за човекови права на ОН документира над 18.000 жртви од почетокот на агресијата. Вистинскиот број на загинати или повредени лица е веројатно поголем. Покрај тоа, Агенцијата за бегалци на ОН (УНХЦР) евидентираше речиси осум милиони украински бегалци низ Европа. Речиси пет милиони се внатрешно раселени. Овие бројки се шокантни. Дури и да се работи само за еден изгубен живот или уништена иднина, тоа е превисока цена за плаќање. Оние кои се одговорни за изложување на невини луѓе на застрашувачки дела, мора да одговараат“ рече Османи.

Актуелниот претседавач со ОБСЕ Османи истакна дека посетата на Украина е показател за посветеноста и непоколебливоста на Организацијата да најде начин да се врати мирот во земјата, најавувајќи дека ќе ги стави на располагање сите свои алатки и механизми да го постигне тоа.

Посетата на Османи на Киев е во рамките на реализацијата на еден од главните приоритети на Претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ во 2023 година, состојбата во Украина, со посебен фокус кон луѓето на терен кои се најпогодени од воената агресија.

Спонзорирано: