23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАБИЗНИСТОП ВЕСТИ

Антикризните мерките на Владата препознаени од компаниите, расте бројот на корисници на субвенционирана струја

Се повеќе компании, училишта и водостопански компании влегуваат во системот на ЕСМ Продажба, кои ќе добиваат субвенционирана цена на струјата, овозможена со антикризните мерки на Владата.

Како што соопшти ЕСМ од 1 јануари уште 128 нови субјекти се вклучени во овој систем за субвенционирана цена на електричната енергија, со што нивната бројка се искачи на 675. Компаниите кои ја користат оваа мерка за електричната енергија плаќаат 80 евра за мегават час, додека училиштата плаќаат по 95 евра за мегават час.

Со последните бројки, вкупниот број на училишта кои ја користат оваа мерка е 374, додека вкупниот број на фирми од прехранбената индустрија се искачи на 244. Дополнително, мерката ја користат и 57 водостопански претпријатија во државава.

Рокот за пријавување на субјектите кои сакаат да плаќаат електрична енергија по субвенционирана цена од 1 февруари, а од различни причини досега не аплицирале, е отворен до 20 јануари.

Со мерките за субвенционирана цена на електричната енергија, Владата успешно се бори да ја одржи ликвидноста на компаниите во земјава, но и да влијае на намалување на цените на основните прехранбени продукти кои ги плаќаат граѓаните. Се поголемиот интерес за користење на оваа мерка само покажува дека таа е вистинска помош за компаниите.

Освен субвенциите за компаниите, Владата во текот на целата измината година, редовно ја субвенционира и цената за домаќинствата и малите потрошувачи. Како што може да се види и од последните доставени сметки, без субвенцијата на Владата граѓаните ќе плаќаа 73 отсто повеќе за електрична енергија. На овој начин, на граѓаните им остануваат повеќе средства во семејните буџети за полесно да се справат со економската криза.

За полесното справување со енергетската криза, Владата го задолжи ЕСМ да го зголеми домашното производство на електрична енергија и да ги активи сите домашни капацитети. Благодарение на ваквите напори, домаќинствата и малите потрошувачи 100% се снабдуваат со електрична енергија од домашни извори.