27. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Мицкоски: Од профитабилна компанија, СДСМ го направи ЕСМ најголем загубар

Минатата година од централниот буџет, според податоците кои се јавни и ги има во „Отворени финансии“ (Open Finance), префрлени се речиси 200 милиони евра на АД ЕСМ. Повеќе од 200 милиони евра, тоа досега не се случило, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

„Се сеќавам, 2015, 2016, 2017 година, тогаш ЕЛЕМ, денешно АД ЕСМ, префрлуваше пари на други јавни претпријатија за работниците од тие јавни претпријатија да добијат плати. За само 5 години го направија најголем загубар и ако ме прашате зошто тоа е така – бидејќи договараат тендери во четири очи, затоа што крадат. Крадат на увозот на јаглен и на неговиот транспорт, крадат на увозот на мазут и на неговиот транспорт, крадат на тендерите и на ископот на јаглен и јаловина. И сето тоа предизвикува, денеска ЕЛЕМ, односно ЕСМ, да се најде во ваква состојба“, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање како ја оценува состојбата со енергетиката изминатата 2022 година.

Тој истакна дека од профитабилна компанија со 25 милиони евра во банки и 7 милиони на сметка, без долгови, Владата на СДСМ успеала да ја направи најголем загубар во Македонија додавајќи дека само за една година компанијата зела околу 200 милиони евра државна помош.

„Од таму, некаде на 7 ноември до крајот на 2022 година АД ЕСМ само за увоз на електрична енергија плати повеќе од 45 милиони евра. А целата 2022 година доби донации од централниот буџет повеќе од 200 милиони евра. Ете така работи оваа Влада на СДСМ – од профитабилна компанија, што ја оставив со 25 милиони евра депозити во банки и околу 6-7 милиони на сметка, без долгови, со исплатена плата за само 5 години, успеаја да ја направат најголем загубар во Македонија“, потенцира Мицкоски.

Тој порача дека следната влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе ја врати компанијата на вистинската патека и ќе ги санира сите проблеми и штети што ги има направено Владата на СДСМ изминативе 6 години во делот на енергетиката.

„Но, не треба да очајуваме и да губиме надеж бидејќи по предвремените избори, доаѓа раководство што ќе знае да го санира овој проблем и ќе може, практично, АД ЕСМ да го врати на тие патеки на кои беше пред 5-6 години“, рече тој.