14.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

ИЈЗ со препорака до граѓаните на Берово, Гостивар и на Тетово: Не излегувајте од дома

Институтот за јавно здравје им препорачува на граѓаните на Берово, Гостивар и на Тетово дека воздухот таму е екстремно лош поради зголемени концентрации на ПM 2,5-честички.

Како многу лош се класифицира воздухот во Струмица, Битола 2, Кичево поради зголемените концентрации на ПM 10-честички, а во Ѓорче Петров поради зголемени концентрации на ПM 2,5-честички. Во Скопје (Лисиче и Центар), Неготино и во Прилеп како лош поради зголемените концентрации на ПM 10-честички, а во Кочани и Гевгелија поради зголемени концентрации на ПM 2,5-честички.

Ова се податоци од Европскиот индекс за квалитет на воздухот (Европска агенција за животна средина – ЕЕА).

Од ИЈЗ предупредуваат дека некои поединци од пошироката јавност може да доживеат здравствени ефекти, а поединци, кои им припаѓаат на чувствителните групи, може да доживеат посериозни здравствени ефекти. Како најчувствителни и под најголем ризик се децата помлади од 5 години, постарите граѓани (особено над 65-годишна возраст), бремените жени, лицата со хронични заболувања (циркулаторни/кардиоваскуларни заболувања), пациентите со астма и ХОББ, дијабетичарите, луѓето што работат на отворено, социјално загрозени категории граѓани и пушачи, чиј ризик од сериозно срцево оптоварување се зголемува меѓу 3 и 4 пати. Оние со веќе постојни респираторни проблеми се изложени на особен ризик.

Оттаму, заради превенција на потенцијалните штетни здравствени ефекти на суспендираните (лебдечки честички), кои во моментот драстично се зголемени, Институтот за јавно здравје препорачува:

За градовите со екстремно лош (сиромашен) индекс на квалитет на воздухот:

– останете дома ако не треба да излегувате;
– останете дома или намалете го физичкиот напор, особен на отворено, особено доколку почувствувате симптоми, како што се кашлица или болки во грлото;
– возрасните и децата со проблеми со белите дробови, возрасните со срцеви проблеми и постарите луѓе треба да избегнуваат напорна физичка активност;
– бремените жени треба да останат дома;
– луѓето со астма може да откријат дека треба да го користат почесто нивниот инхалатор. Ако треба да излезете, носете маски со докажана ефикасност;
– лицата со хронични заболувања редовно да ја земаат терапијата, а по потреба, доколку почувствуваат симптоми, веднаш да се јават кај својот матичен доктор или во болница;
– избегнувајте престој и активности на отворено (спорт, рекреација).

Ова се однесува не само на чувствителните групи туку и на децата и младите што повеќе време поминуваат надвор на отворено и особено на лицата што професионално се ангажирани и работат на отворено.

– Носете заштитна маска со докажана ефикасност на отворено.

Ефектот е двоен, и како заштита од суспендираните (лебдечки) честички и од сезонските вируси (на грип, настинки, вклучително и SARS-CoV).

– не отворајте ги прозорците во вашиот дом;
– користете прочистувач на воздух без јонизатор (за особено чувствителните лица со астма, хронични заболувања – респираторни или циркулаторни и мали деца и бремени жени).

За градовите со лош индекс на квалитет на воздух:

– секој што чувствува непријатности, како што се зацрвенување или печење на очите, кашлица или болки во грлото, треба да размисли за намалување на активноста, особено на отворено;
– зајакнете го имунолошкиот систем. Јадете здрава храна со многу овошје и зеленчук;
– посетете го вашиот матичен лекар или здравствена клиника ако не се чувствувате добро и искусувате какви било негативни ефекти од загадувањето на воздухот;
– останете дома ако не треба да излегувате. Возрасните и децата со проблеми со белите дробови и возрасните со проблеми со срцето треба да ја намалат напорната физичка активност, особено на отворено, а особено ако искусат симптом;
– бремените жени треба да останат во затворен простор;
– луѓето со астма може да откријат дека треба почесто да ги користат своите инхалатори;
– постарите луѓе исто така треба да го намалат физичкиот напор. Ако треба да излезете, носете маски со докажана ефикасност.

За сите групи на население:

– имајте предвид дека доколку во вашиот дом се греете на дрва или на некое фосилно гориво, вашата изложеност ќе биде значително повисока поради веројатно влошениот квалитет на воздухот во затворената просторија во која престојувате;
– јадете храна богата со витамини (антиоксиданси – витамин А, витамини Ц и Е, бета-каротин, ликопен, лутеин, селен, манган и други), главно присутни во овошјето и зеленчукот;
– консултирајте се со вашиот лекар. Посетете го вашиот матичен лекар или здравствена клиника ако се чувствувате лошо или доколку искусувате какви било негативни ефекти од загадувањето на воздухот.