22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Гаспром: Извозот на руски гас надвор од поранешниот советски блок падна за 45,5 отсто во 2022 година

Извозот на гас на руската компанија Гаспром надвор од земјите од поранешниот советски блок падна за 45,5 отсто во 2022 година.

Денес, Гаспром ги објави овие податоци во анализата на операциите во минатата година обележана со нагло намалување на испораката на руски енергетски производи во Европа како резултат на санкциите на Западот поради руската офанзива во Украина.

Во соопштението, извршниот директор на компанијата, Алексеј Милер објави дека групата извезла 100,9 милијарди кубни метри гас во 2022 година во земји „далеку во странство“, термин кој не ги вклучува поранешните советски републики.

Во 2021 година, Гаспром извезе 181,1 милијарди кубни метри гас во истите тие земји.

По воведувањето на западните економски санкции против Русија, како реакција на нејзината воена интервенција во Украина, Москва значително го намали извозот на енергија во ЕУ.

На почетокот на декември, Европската унија, земјите од Г7 и Австралија се договорија да воведат ограничување за цената на руската нафта од 60 долари за барел, со надеж дека тоа ќе ја лиши Москва од значителен приход.

Како одговор, Русија објави дека почнувајќи од 1 февруари, ќе ја забрани продажбата на нејзината нафта на странски земји кои користат ограничувања за цената на нафтата.

За да ги надомести загубите, Москва се обидува да ги зголеми своите испораки на гас за кинеската економија, главен потрошувач на енергија, и го забрзува тој процес.

Директорот на Гаспром денеска изјави дека изгледите за зголемување на потрошувачката на гас во светот главно се поврзани со Азија и пред се со Кина.