23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Објавен повик за субвенции на нови авиолинии

Министерството за транспорт и врски го објави јавниот повик за финансиска поддршка за нови авиолинии за периодот 2023-2025 година.

Новитет е што на повикот може да се изберат повеќе авиокомпании, а за 2023 година во буџетот се предвидени 1,1 милион евра за оваа намена.

На денешната прес-конференција министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, ги презентира критериумите наведени во јавниот повик.

„Заинтересираните авиокомпании да поседуваат уверение за работа издадено од земја членка на Европската Унија во согласност со прописите за издавање уверение за работа на авиопревозници; да имаат превезено најмалку 10 милиони патници во 2019 година; да имаат остварено профит од минимум 25 милиони евра во 2019 година; да достават изјава заверена на нотар, дестинацијата за која добива финансиска поддршка од државата и по завршувањето на финансиската поддршка, да продолжи да ја оперира за период за кој ги добивал субвенциите. Во спротивно ќе биде должен да го врати целиот износ на средства што ги добил како финансиска поддршка“, образложи Бочварски говорејќи за критериумите.

Финансиската поддршка ќе се доделува во согласност со критериумите за рангирање на новите дестинации по следниот редослед: период на оперирање на дестинацијата; број на неделни летови; атрактивност на аеродромот кон кој оперира; број на седишта понудени на продажба.

Финансиската поддршка ќе изнесува 7 евра во денарска противвредност од патник во заминување превезен од Меѓународниот аеродром „Скопје“, 4,5 евра во денарска противвредност од патник во заминување превезен од аеродромот „Св. апостол Павле“ во Охрид.

Бочварски оцени дека освен во годините на ковид-пандемијата, развојот на авиосообраќајот се движи во нагорна линија.

„Се вративме на посакуваните бројки од над 2 милиона превезени патници и веруваме дека сè уште имаме капацитет и можности да го развиваме авиосообраќајот во земјата“, рече Бочварски.

Последните податоци, заклучно со денеска, покажуваат дека се превезени приближно 2,3 милиона патници.