Како професионални историчари и членови на Здружението на историчарите на Република Македонија реагираме по повод објавувањето на учебникот по предметот историја и општество за V одделение од авторките Анита Ангеловска и Гликерија Илиоска, во кој се направени редица пропусти, и во содржинска и во концепциска смисла, и се наведени повеќе погрешни информации, реагираат од Здружението на историчарите на Македонија.
„Поради тоа, сметаме дека доколку овој учебник се употребува во наставата, ќе му нанесе непроценлива штета на воспитно-образовниот процес и ќе влијае негативно врз развојот на учениците. Недозволиво е во XXI век учениците да ги добиваат своите први сознанија, меѓу другото, и од областа на историјата, од учебник што изобилува со погрешни информации и со неосновани констатации“, потенцираат во соопштението.
„Во нашата реакција изнесуваме само неколку од многуте недостатоци во наставната тема број 3 во учебникот, со наслов ‘Праисторија и историја’. Напоменуваме дека ова се само дел од забелешките што ќе бидат интегрирани во опсежната критичка анализа што ја подготвува Здружението на историчарите на Република Македонија и која што побргу ќе ја достави до Министерството за образование и наука со барање да го повлече учебникот од употреба“, се подвлекува во напишаното.
Тоа, како што велат, се однесува и на концепцијата за основно образование, чиј продукт е самиот учебник, кој е заснован на новата наставна програма.