23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.БИЗНИС

Со Законот за задолжително земјоделско осигурување, висината на полисите ќе ја утврдува државата, тие ќе бидат пониски и со поголем опфат на ризици

Законот за задолжително земјоделско осигурување треба да стапи на сила во 2024 година. Новиот концепт на земјоделско осигурување кој го работи Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, предивидува формирање на осигурителен пул, чија цел ќе биде осигурување на земјоделското производство на сите земјоделци. Како што информираат од МЗШВ, новиот закон е брзо и подобро системско решение преку кое земјоделците исплатата на настанатата штета ќе ја добиваат во текот на истата година кога е настаната штетата.

Реализацијата на овој нов концепт за земјоделско осигурување е предвидена со неповратни средства од Зелен климатски фонд и првите три години земјоделците целосно ќе бидат ослободени од трошоците за осигурување, а како ќе заживува концептот, нивните трошоци за учество, по овие три години би биле минимални.

Висината на полисите ќе ја утврдува државата и тие ќе бидат драстично пониски, со многу поголем опфат на ризици од досегашните полиси. Со новиот модел земјоделците добиваат уште една предност, односно се зголемува процентот за исплата на штетите, од досегашните најмногу до 10%, на најмалку 40% од утврдената штета, информираат од МЗШВ.

Земјоделското осигурување ќе биде задолжително и поврзано со исплатата на субвенциите во оној момент кога концептот целосно ќе заживее и ќе се донесе законот, кој заедно со земјоделците се подготвува.

Новиот концепт за земјоделско осигурување на кој Министерството работи нема цел да наметне нов трошок на земјоделците, туку напротив нуди решение за уште едно повеќедецениско прашање кое ги мачеше земјоделците, вели Александар Мусалевски од МЗШВ.

„Со овој нов закон ние ќе го напуштиме стариот систем на исплата на штети предвиден во Законот за заштита и спасување и ќе воспоставиме систем што ќе биде ефикасен и ќе биде под капа на државата затоа што ќе се формира земјоделски осигурителен пул, кој ќе подразбира дека целото осигурување во земјоделството ќе биде под една капа, под капата на државата, каде што од дефинирање на тарифите за полисите, до проценка и исплата на самите штети ќе биде контролирано од страна на државата.“, рече Мусалевски.

Како што информираа претставниците од МЗШВ, со донесувањето на овој закон, треба да се намалат бирократските процедури и исплатата за настанатите штети ќе биде извршена во текот на истата година кога е настаната штетата.

„Земјоделците не треба да бидат загрижени бидејќи овој Закон е во полза на земјоделците. Со него, сите штети што досега со стариот систем се исплаќале за 2-3 години, со новиот закон ќе се исплаќаат во тековната година кога настанала штетата“, објасни Мусалевски.

Претставниците од МЗШВ ќе продолжат на терен да одржуваат трибини и состаноци со земјоделците со цел да им го доближат новиот концепт на земјоделско осигурување.

„Во наредниот период ќе продолжиме со овој вид на трибини и сакаме новиот Закон за задолжително земјоделско осигурување да го доближиме до секој земјоделец, производител на земјоделски производи затоа што на Владата ѝ е битно секое воведувањето на секој нов систем да не биде еднострано само донесен од страна на Владата, туку да бидат запознаени сите земјоделци и да се уверат во она што го работиме.“, рече Мусалевски.

извор: Agrotim.mk