1. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАИЗБОР

Ковачевски-Бочварски: Вложуваме најголеми средства за инфраструктура, за раст и развој на економијата и подобар живот за граѓаните

За следната година за транспорт и врски имаме развоен буџет, со крупни инфраструктурни и капитални проекти, кои значат поттикнување на економскиот раст. Буџетот на министерството е проектиран да обезбеди високо ниво на реализација на капиталните инвестиции во делот на изградба на патната и железничката инфраструктура, комуналната инфраструктура, гасификација и станбената политика, истакнаа на денешната прес-конференција претседателот на Владата, Димитар Ковачевски и министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски на која го презентираа Буџетот на Министерството за транспорт и врски за 2023 година.

Буџетот на Министерството за транспорт и врски е проектиран на ниво од 324 милиони евра, од кои 308 милиони евра или 95 проценти од вкупниот Буџет се расходи наменети за капитални проекти.

Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски потенцираше дека средствата во Буџетот на министерството за транспорт и врски за 2023 година наменети за реализација на капиталните проекти се за 163 проценти повеќе во споредба со 2022 година.

Примарен фокус ќе се даде на проектите за изградба на железница и автопати на Коридор 8 и 10Д, санација на локални патишта во општините, гасификација, реконструкција на водоводни и канализациони мрежи, субвенции за нови авиолинии, како и подобрување на транспортот на граничните премини.

„Во 2023 година продолжува изградбата на автопатите на Коридорот 8, за што се предвидени 244 милиони евра. Регионалното поврзување и соработка е еден од најважните аспекти на интеграцијата во Европската Унија и од огромна важност за развојот на нашата економија. 33 милиони евра се предвидени за изградба на железницата на Коридор 8. На крајот на месец октомври годинава го означивме почетокот на изградбата на источниот дел од железничкиот Коридор 8 низ Северна Македонија – делницата Куманово-Бељаковце-Крива Паланка и активно изградбата продолжува следната 2023 година. И наредната година продолжуваме со темпото на изградба и санација на локални патишта во општините, за што се предвидени над 6 милиони евра. Во новиот предлог Буџет се предвидени 1,7 милиони евра за спроведување на гасификацијата, односно за завршување на магистралниот гасовод Скопје-Тетово-Гостивар. Оваа година заврши изградбата на магистралниот гасовод Неготино-Кавадарци-Прилеп-Битола. Влогот во инфраструктурата е траен влог во подобрување на условите за живот, растот на економијата, животниот стандард и тоа е наш приоритет“, изјави Димитар Ковачевски, претседател на Владата на Република Северна Македонија.

Министерот Бочварски истакна дека проект на кој што Министерството ќе даде посебен фокус е изградба на автопатските делници на Коридор 8 и 10Д како и железничкиот крак кон Исток..

„За изградба на пругата кон Бугарија ќе бидат алоцирани 32,5 милиони евра, додека 4,8 милиони евра за рехабилитација на пругата на Коридор 10. До сега опфатиме околу 130 локални патишта во 61 општина. За следната година очекуваме да опфатиме со реконструкција преку 85 локални патишта. Значаен проект на кој посветуваме посебно внимание е изградбата на водоводни и канализациони системи низ општините за што предвидуваме 13,6 милиони евра по разни програми. За следната година предвидуваме 1,1 милион евра за финансиска поддршка за нови авиолинии, согласно јавниот повик што планираме да го објавиме веќе следната недела. За обезбедување на станбеното прашање за најранливите категории граѓани, продолжуваме со изградба на социјални станови. За таа цел во Буџетот предвидовме 2,2 милиони евра” , истакна министерот Бочварски.

Министерот додаде дека во услови на светска економска криза транспортот бележи историски раст за 20 проценти, а за следната 2023 година обезбедени се дополнителни годишни и месечни транспортни дозволи.

Во делот на патна инфраструктура во соработка ЈП за државни патишта следната година интензивно продолжува изградбата на автопатот Кичево-Охрид, Скопје Блаце, експресните патишта кон Прилеп и кон Крива Паланка и други државни и регионални патни правци што ги претставуваат најкрупните инвестиции во Северна Македонија.