Царинската управа ќе се зајакне со уште два подвижни мини скенерa на стока и мал багаж, што ќе придонесе за зајакнување на капацитетите за вршење контрола и сузбивање шверц на разна стока, опојни дроги и прекурсори, како и за подобрување на квалитетот и ефикасноста на инспекциите. Двата мобилни скенерa се донација од Царината на Сојузна Република Германија, информираат од оваа институција.
Директорката Славица Кутиров со тимот од Управата и заменик-амбасадорот на Сојузна Република Германија, Ото Граф, извршија надзор на опремата што ќе ја користат царинските службеници при контролите на царинските подрачја, но и на целата територија на државата.
Само во две поголеми акции годинава инспекторите од мобилната царина со помош на мобилни скенери извршија заплена на 62 килограма наркотична дрога, што кажува за придобивките од употребата на овие машини при контролите, информираат од таму.
„Зајакнувањето на Царинската управа со уште два мобилни скенера ќе овозможи поефикасни контроли на македонската Царина и ќе помогне да се спречи протокот на недозволена трговија и внесување разна стока во државата“, истакна Кутиров.
Заменик-амбасадорот на Сојузна Република Германија, Ото Граф, изрази задоволство што Германија може да придонесе за зајакнување на граничните контроли.
„Сигурни и ефикасни царински контроли се од суштинско значење за безбедно движење луѓе и стоки. Во таа насока, Германија ѝ ги донира овие мобилни скенери на РС Македонија. Среќни сме што придонесуваме за обезбедување на ЕУ-стандардите во граничните контроли во РС Македонија“, потенцира Граф.
Значајно е што мобилните скенери се лесно преносливи, при што може да скенираат до 12 возила на час на разни локации, се додава во соопштението.