Путин во моментов не е искрен за мировните преговори со Украина, изјави денеска американскиот заменик државен секретар за политички прашања. Викторија Нуланд ја посети Украина за да покаже поддршка за таа земја во време кога Русија се обидува да ја уништи енергетската инфраструктура на земјата, објавија медиумите.
„Дипломатијата очигледно е цел на сите, но мора да имате подготвен партнер“, им рече таа на новинарите.
Нуланд изјави дека е многу јасно, без разлика дали станува збор за нападите врз енергетските системи, реториката од Кремљ или општиот став, дека Путин не е искрен или подготвен за тоа.
Американскиот претседател Џозеф Бајден изјави во четвртокот дека е подготвен да разговара со Путин доколку рускиот лидер е заинтересиран да стави крај на војната.
Меѓутоа, идејата брзо пропадна кога Кремљ објави дека Западот мора да ги признае четирите украински региони кои се приклучија на Русија.
Оваа реакција на Русија, рече Нуланд, покажува „колку се сериозни“.
Нуланд се сретна и со Андриј Јермак, шефот на кабинетот на украинскиот претседател, кој изрази благодарност за помошта од Вашингтон за Украина од милијарди долари.
„Победата на Украина, во која сме сигурни, ќе биде наша заедничка победа“, изјави Јермак, соопшти кабинетот на Зеленски.