22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Ковачевски ја „фрли ракавицата“, Мицкоски молчи за тоа дали барал власт а во замена нудел да го смени Уставот

Пред два дена на партиска трибина во Куманово, премиерот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски постави прашање до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дали е точно дека на состаноци со домашни и политичари од странство барал поддршка за да дојде на власт и при тоа ветувал дека ако ја земе власта, ќе го сменел Уставот на државата.

Прашањето денеска два пати го поставија од Бихаќка со порака до Мицкоски да не се криел, туку да излегол и да одговорел пред граѓаните.

Но иако изминаа два дена од поставеното прашање, ниту Мицкоски ниту ВМРО-ДПМНЕ не даваат никаков коментар околу обвинувањата.

Мицкоски утрово имаше објава на социјалните мрежи и кусо интервју за Дојче веле, но во ниту една од комуникациите нема став околу обвинувањата на Ковачевски.

Инаку Мицкоски е противник на промените на Уставот со кои во преамбулата меѓу постоечките народи, треба да се внесе и бугарскиот народ, за што од своите пратеници едновремено побара и нотарски заверени изјави дека тие нема да гласаат за такви уставни измени.

Но, Мицкоски кој беше и против Договорот со Бугарија на една полузатворена средба, несвесен дека се снима, на тогашниот бугарски премиер Бојко Борисов му одговори дека го поддржува Договорот со Бугарија.

Тогаш многумина го обвинија за лицемерие и несериозност, а самиот факт што Мицкоски нема демант на обвинувањата од Ковачевски, ги подгрева сомневањата дека тој можеби и навистина барал поддршка да дојде на власт за потоа како знак на благодарност да го поддржи промена на Уставот.

извор 24инфо.мк