Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
+МакедонијаТОП ВЕСТИ

Ковачевски: Обезбедуваме сигурна средина за жената

За родово базирано насилство говориме цела година, говориме секој ноември во месецот на активизмот и говориме кога ќе прочитаме полициски билтен или новинарски натпис, но оваа Влада не се задржува само на говорењето, рече премиерот Димитар Ковачевски во обраќањето на регионалната консултација за родова еднаквост.

-Јас како прв во извршната власт, заедно со Владата, имам одговорност да направам што е можно повеќе системски измени во насока на спречување на насилството. Нашите политики се прогресивни политики и нашите политики се гледаат во најразлични аспекти… било дали зборуваме за новиот Закон за спречување на дискриминација, новиот закон со кој се остварува правото на жената за безбеден прекин на бременоста и укинување на административните бариери или пак за родовото буџетирање – сите тие се насочени кон обезбедување сигурна средина на жената во која може без притисок да донесе сопствена одлука, рече Ковачевски.

Тој повтори дека сме меѓу првите земји што ја ратификуваа и постапуваат по Истанбулската конвенција.

-Но, не запревме тука, бидејќи ја усогласуваме легислативата, која ќе овозможи мерки за справување со родовото насилство, кажа Ковачевски, додавајќи дека е подготвен нов Закон за спречување и заштита од насилство над жените и семејното насилство.