Претседателот Стево Пендаровски денеска со највисоки државни и воени почести го пречека претседателот на Сојузна Република Германија, Франк-Валтер Штајнмајер, кој престојува во официјална посета на Република Северна Македонија.
Во рамки на посетата, покрај тет-а-тет средбата, се одржа и пленарен состанок на официјалните делегации на Северна Македонија и Германија, по што претседателите Пендаровски и Штајнмајер одржаа заедничка прес-конференција.
Видео материјал:
Прес-конференција на претседателите Пендаровски и Штајнмајер – https://youtu.be/gKJ-UurOFe0
Во продолжение е интегралниот текст од изјавата на претседателот Пендаровски:
Почитуван претседателе Штајнмајер,
Почитувани претставници на медиумите,
Денеска имаме голема чест, по скоро деценија и половина, да сме домаќини на еден германски претседател кој ни доаѓа во официјална посета. Во оваа прилика, би сакал да потсетам дека не случајно, мојата прва официјална билатерална посета како претседател ја остварив токму во Германија. Оваа размена на посети на највисоко државно ниво говори многу за односите меѓу двете држави и за пријателството меѓу нашите народи, кои во изминатиов период достигнаа високо ниво и освен во политичка смисла имаа свој позитивен одраз и во развојот на економските релации.
Оваа посета има и своја додадена вредност, бидејќи се остварува во време на крупни гео-политички турбуленции, кога имаме војна на европско тло која предизвикува серија на кризи кои се прелеваат, при што секоја земја се обидува да им обезбеди на своите граѓани сигурност, безбедност и просперитет. Од друга страна, пак, а што е посебно значајно за нас, оваа посета се реализира во годината кога конечно, после многу одложувања ги започнавме преговорите со Европската Унија и кога ни е неопходна поддршка за забрзување на тој процес.
Во време кога вербата во европските интеграции во целиот регион е разнишана, во овој сензитивен период ни е повеќе од потребна помош од големите европски демократии, од предводниците на идејата за обединет континент.
Сојузна Република Германија е еден од нашите најблиски сојузници и најсигурни партнери, а германските власти веќе три децении, во континуитет, ја демонстрираат посветеноста кон нашата држава и нашиот регион.
Затоа, претседателе Штајнмајер во мое лично име и во име на граѓаните на Северна Македонија ви благодарам за оваа посета, која верувам ќе остави силен печат во нашите односи и ќе отвори нови поглавја за соработка.
Почитувани,
На средбата, која помина во исклучително пријателска и позитивна атмосфера, со мојот германски колега разговаравме за нашите билатерални односи, партнерството во НАТО, македонските евроинтеграции, меѓусебните економски врски, културно-образовната соработка, но и за прашањата што се однесуваат на пошироката европска стабилност и безбедност.
Во оваа прилика истакнав дека ние сме целосно посветени на првите фази од преговорите со Европската Унија затоа што членството во Унијата останува наша долгорочна стратешка определба на која ќе продолжиме да работиме со несмален интензитет. Во овој контекст, недвосмислената поддршка што ја добиваме од Германија е од големо значење за нас, особено во рамките на обновениот Берлински процес, во кој Германија има клучна улога.
Разговаравме за безбедносната состојба во Европа и различните предизвици на тој план, во контекст на војната во Украина. Се обврзавме за унапредување на досегашната соработка во одбраната и во безбедноста, кои се важни аспекти и во нашите билатерални односи.
Во делот на економијата, Германија останува наш најзначаен економски партнер, кој со години наназад е на првото место на листата, со трговска размена од повеќе од 4 милијарди евра на годишно ниво. Германското економско портфолио во Северна Македонија е импресивно, со околу 200 фирми со германски капитал, во кои работат над 15.000 луѓе. Со претседателот Штајнмајер се заложивме економската размена и инвестициите меѓу нашите држави да продолжат и во иднина и овие бројки да се зголемуваат, затоа што се од огромна важност за меѓусебната доверба и просперитетот на нашите граѓани. Не помалку важни се и областите на образованието, науката и културата, каде што нашите две држави остваруваат интензивна соработка.
И на крајот, она што го кажав во разговорот со почитуваниот претседател, би сакал и сега да го повторам: благодарам за целокупната германска поддршка до сега, при што го изразувам своето уверување дека Германија ќе продолжи да биде нашиот клучен политички и економски партнер и дека во годините пред нас нашето пријателство и соработка во областите од взаемен интерес ќе одат само по нагорна линија.