Претседателот на Собранието, Талат Џафери, денеска ја отвори изложбата за сеќавање на жртвите од гладоморот во Украина, насловена како „Украина се сеќава, светот признава“.
На изложбата се претставени информативни материјали за вештачкиот глад организиран од советските власти во Украина 1932-1933 година, познат како гладомор. Во своето обраќање пред присутните, претседателот Џафери рече дека изложбата нема да остави никого рамнодушен кон човечките трагедии предизвикани во овој период, во кој се изгубила и најмалата допирна точка со тоа што значи да се биде човек и што значи да се сака, цени и вреднува човечкиот живот.
„За жал, историјата се повторува! Сега се други средствата, меѓутоа во принцип, намерата е иста и таа не е воопшто хумана. Да се покорат на сите можни начини Украина и Украинците, а и агресорот е ист! Што е уште понелогично, се работи за земја членка на Советот за безбедност, кој е еден од шесте тела на Обединетите нации, и е конкретно задолжен за обезбедување на светскиот мир и безбедност“, рече Џафери.
Тој посочи дека на светот му требаа цели 90 години да признае на ниво на влади и парламенти во голем број на држави дека гладоморот е акт на геноцид за кој Европскиот парламент на 23 октомври 2008 година усвои Резолуција со која се признава гладоморот како злосторство против човештвото, така што не се знае ниту точната бројка на жртви, која според различни извори се движи од 4 до 15 милиони!
Изложените материјали покриваат речиси половина век, бидејќи гладоморот имаше своја предисторија и последици. Започнува со тоа каква била Украина пред оваа трагедија, а завршува со приказна за оживувањето на сеќавањето на гладоморот во модерна Украина. Оваа изложба е исто така и за она што Русија го прави денес во Украина, бидејќи по почетокот на руската воена агресија на 24 февруари оваа година се врати хуманитарната катастрофа во Украина, а страшните настани повторно се одвиваат.
На отворањето на изложбата чиј домаќин е Собранието на Северна Македонија и која ќе трае до 6 декември, се обратија и вонредната и ополномоштена амбасадорка на Украина во Република Северна Македонија, Лариса Дир, претседателот на Здружението на Украинците во Северна Македонија „Лесја Украинка“, Олександр Урбанович, заменик-народниот правобранител на Република Северна Македонија Јован Андоновски, членката на Националниот сојуз на писателите на Украина и на Сојузот на писателите на Македонија, Вера Чорниј-Мешкова, деканот на Филозофскиот факултет на УКИМ, Ратко Дуев и претседателот на „Цивил“, новинарот Џабир Дерала.
Изложбата е отворена за организирани групи граѓани, за претставници на државните институции и за медиумите.