Советот на Народната банка одржа редовна седница на која беше разгледан и усвоен најновиот Квартален извештај во чии рамки се вклучени и макроекономските проекции на Народната банка. По усвојувањето на Извештајот, гувернерката ги претстави макроекономските проекции во јавноста на конференцијата за печатот.
Надворешниот амбиент за домашната економија е понеповолен, во споредба со периодот на изготвување на пролетните проекции. Натамошните геополитички тензии од воената инвазија на Русија врз Украина, како и пандемијата на ковид-19 којашто сѐ уште трае, го влошуваат глобалниот амбиент, неповолно делуваат на економските изгледи и создаваат дополнителни притисоци врз цените на светските пазари на примарни производи и врз светската инфлација. Сево ова доведе до побавно постпандемично закрепнување и продлабочување на енергетската криза којашто се одразува врз трошоците на живот. Фактор што ќе го ограничи растот ќе биде и посилното затегнување на глобалните услови за финансирање, имајќи го предвид засилениот и подолготраен раст на инфлацијата во светски рамки.
Имајќи го предвид ваквото окружување, изгледите за растот на домашната економија се коригирани надолу. Во услови на исклучително голема променливост на претпоставките и висока неизвесност, изготвени се две сценарија. Според основното сценарио, стапките на раст изнесуваат 2,3% и 2,6% за 2022 и 2023 година, соодветно, поддржани од домашните фактори поврзани со најавените инфраструктурни инвестиции и инвестициите за проширување на капацитетите кај дел од извозниот сектор. Доколку оваа поддршка биде послаба од очекувањата, имајќи го предвид понеповолното надворешно окружување, во второто сценарио економските изгледи ќе изнесуваат 2% и 1,8% за оваа и за следната година. На среден рок, се предвидува зголемување на растот на БДП на 3,6% во 2024 година и на 4% во 2025 година. Ризиците околу проектираната патека на растот се надолни и ќе зависат главно од надворешното окружување.
Инфлацијата во октомвриските проекции е ревидирана нагоре, во услови на претежно нагорни корекции на оцените за увозните цени. За 2022 година, се предвидува просечна годишна инфлација од 14,3%. За следната година, се очекува намалување на увозните цени се во насока на нивно намалување (според проекциите на меѓународните финансиски институции), со што би се намалиле и притисоците врз домашната инфлација. При вакви очекувања, како и оцени за отсуство на поголеми притисоци од побарувачката, за 2023 година се очекува дека просечната стапка на инфлација ќе биде поумерена и ќе изнесува 8 ‒ 9%, во зависност од порастот на цените на електричната енергија на регулираниот пазар. Се очекува дека врз движењето на инфлацијата би делувале и мерките за субвенционирање на цената на електричната енергија за прехранбената индустрија од страна на државата, како и постепеното затегнување на монетарната политика. За 2024 година се очекува дека инфлацијата значително ќе забави, сведувајќи се на 2,4% и ќе се врати на историскиот просек од 2% во 2025 година.
Влошените услови на размена, а особено растот на цените на енергентите предизвикуваат проширување на дефицитот во тековната сметка на билансот на плаќања. Во однос на претходните проекции, во овој сегмент нема поголеми промени. Според последните процени, за 2022 година се очекува дека дефицитот во тековната сметка на билансот на плаќања ќе изнесува 7,4% од БДП, наспроти 3,1% во 2021 година. Влошувањето е исклучиво одраз на значителното проширување на енергетскиот дефицит, додека кај сите останати компоненти се очекуваат поместувања во позитивна насока, особено кај приватните трансфери коишто во првата половина на годината остварија раст од околу 30%. При оцени за понеповолно надворешно окружување во 2023 година, но и поумерен ценовен притисок, предвидено е дека дефицитот на тековната сметка ќе се намали на 5,6% од БДП, главно поради стеснувањето на негативното салдо во размената на стоки и услуги. За периодот 2024 ‒ 2025 година се очекува низок дефицит во тековната сметка од 1,6% од БДП сличен на претпандемичниот просек. Финансирањето на тековниот дефицит, како и досега, би било овозможено од приливите преку директните инвестиции и задолжувањето на државата, при што девизните резерви во целиот период на проекциите се задржуваат на соодветното ниво, како гаранција за стабилноста на курсот на домашната валута.
Најновите проекции за кредитниот пазар упатуваат на умерено забавување на растот на кредитната активност до крајот на 2022 година, што ќе продолжи и во 2023 година. Растот на кредитите во 2022 година би изнесувал 9,2% на годишна основа, додека во 2023 година 7,1%. Во следниот период се очекува стабилизирање на кредитната активност, со просечна стапка на раст од 7,5% во периодот 2024 ‒ 2025 година, во услови на раст на домашната економија, стабилизација на очекувањата и зголемена побарувачка на кредити од домаќинствата и корпоративниот сектор. И покрај војната во Украина, мерките преземени од страна на Народната банка овозможија натамошен раст на депозитите со слична динамика, така што според сегашните проекции се очекува дека на крајот на 2022 година тој ќе изнесува 3,9%. Со стабилизацијата на тековите и со делувањето на мерките на Народната банка за поттикнување на денарското штедење, се очекува раст на депозитите од 6,5% во 2023 година и 8%, во просек, за периодот 2024 ‒ 2025 година.
Општо земено, најновите оцени за растот на македонската економија се понеповолни во однос на априлскиот циклус проекции за оваа и за следната година, под влијание на војната во Украина којашто продолжува, а со тоа се продлабочува енергетската криза, што, пак, посилно се одразува врз изгледите за растот и инфлацијата. Оцените се проследени со висока неизвесност, а ризиците се изразено надолни и се поврзани со геополитичките случувања коишто неповолно влијаат и врз цените и врз економската активност во глобални рамки. Народната банка внимателно ги следи макроекономските податоци и ризиците и како и досега, одлучно ќе ги презема сите неопходни мерки, користејќи ги сите расположливи инструменти, со цел да се одржи стабилноста на девизниот курс и среднорочната ценовна стабилност.