23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Науновски: Опасно е што Мицкоски ја прифаќа доктрината на Ванчо Михајлов

Политичкиот аналитичар Тони Науновски во разговор за „Локално“ вели дека изјавата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски може да се објасни на два начина.

-Или како непознавање на автентичната историја на ВМРО и површни идеологизирани рецепции на историските факти – тоа со оглед на континуитетот на такви изјави на дотичниот воопшто не би било чудно, токму напротив. Или, во посериозна и полоша варијанта како уште едно предупредување до Македонскиот народ дека истиот и тие околу него кои за жал го имаат печатот на ВМРО (ДПМНЕ) и парите од касата, се латентна опасност дри и за колективната егзистенција на Македонскиот народ , ако скраја да е еден ден успеат да седнат на фотељите во државната власт, наведува Науновски.
Коментарот на Науновски следува откако Мицкоски го повтори неговиот став дека Ванчо Михајлов е дел од континуитет на партијата, за кој пак е познато дека соработувал со фашистичките и нацистички структури.

Мицкоски посочи дека за некои работи не се согласува со тоа како соработникот на фашистите ја управувал таа партија или организација во тоа време, но смета дека тоа е континуитет на една организација која што во современото време станува политичка партија.

Науновски пак оценува дека опасно е што актуелното раководство на најголемата опозициска партија,„ која заради манипулативни гласачки интереси се уште се претставува како наследник на историското ВМРО ја прифаќа доктрината, светогледот, идеолошката матрица на Иван (Ванчо) Михајлов како своја, сопствена, како дел од континуитетот на ВМРО“.

– Тоа е скандалозно и мора да биде уште еден аларм за здраворазумските членови на таа партија да го сменат раководството. Па, секој средношколец ги знае историските факти – дека од самото создавање на МРО во 1893 година во Солун таму имало пробугарско влијание, се до влегувањето на Гоце Делчев во Организацијата, кој за наша среќа успеал да ја трансформира во Организација на самиот Македонски народ, преку фиксирање на целите посебно по Солунскиот конгрес во 1896 година (со новиот Устав кога се исфрла поимот бугарски и го добива името ТМОРО). Историски факт е дека во рамките на Организацијата се бореле автентично македонската струја и онаа која била пробугарска односно сметала дека Маедонците имаат бугарски идентитет. Солунската афера од 1901 година, кога намерно била оставена македонската струја во Организацијата да биде уапсена со цел доминација на пробугарските членови и превземањето на раководството од страна на Иван Гарванов, некако потсетува на некои понови контроверзни состојби во раководството на ВМРО дпмне. Дури на Рилскиот конгрес Организацијата се враќа на македонски позиции, и оттаму настанува МОРО, за разлика од пробугарското ВМОРО, образложува Науновски.

Соговорникот додава дека „несомнено е дека по превземањето на Организацијата во 1924 година од страна на Михајлов, со убиството на контроверзниот и не секогаш доследен на Македонизмот Тодор Александров, и за кое постојат податоци дека е нарачано од тогашната бугарска влада, започнува тешка деценија за македонскиот народ и Организацијата, бидејќи за смртта на Александров намерно била обвинета Македонската левица, и во септември истата година во Пиринска Македонија биле убиени дури 160 претставници на Организацијата“.

-По 1928 година и убиството на Александар Протогеров и поделбата на Оранизацијата на михајловисти и протогеровисти, проследено со меѓусебни крвави пресметки, како и податоците дека воспоставил диктаторски режим во пиринска Македонија се до 19 мај 1934 година, се поврзани со името на Иван Михајлов. По 1934 година и ликвидирањето на врховистичкото ВМРО, борбата за Македонија се водела преку коминтерната и комунистичките движења.

За изјавите и мемоарите за некакви„ македонистички говеда“, за некаква си „Швајцарија на Балканите“, соработката со Хитлер и Павелиќ, итн. знае и секој осмоодделенец во Македонија, па би требало да знае и т.н. „лидер“ на ВМРО дпмне, нели. Така што, како заклучок од оваа чудна изјава, наместо да се приклучува кон таа струја на Организацијата односно историското ВМРО која е со јасни пробугарски ставови, дотичниот конечно треба да си даде оставка и Организацијата да се врати кон автентичното ВМРО односно Македонизмот и трансисториските парадигми на Македонскиот народ, порачува аналитичарот и професор.