26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(ВИДЕО) Спасовски: Веднаш е расчистен инцидетот во Куманово, очекувам институциите да бидат ригорозни

Mинистерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на денешната прес конференција како одговор на прашање од новинар истакна дека кумановската полиција веднаш го расчистила инцидетот во Куманово и очекува институциите да бидат ригурозни за овој случај. Тој повика да не се политизира случајот.

„Тоа што го даде како известување СВР Куманово, уште во вчерашниот ден е расчистен целосно овој случај – се работи за група хулигани кои од за нив познати причини сметале дека треба да извршат ваков напад. Очекувам дека институциите на прогонот ќе бидат ригорозни во овој дел и ќе мораат да се носат санкции“, истакна Спасовски.

Министерот за внатрешни работи исто така рече дека многу поголеми играчи не успеале да го нарушат соживотот во Куманово.

„Во Куманово сите ние кои живееме знаеме многу добро да се почитуваме, без разлика дали сме Македонци, Албанци, Срби, Бошњаци, Власи, затоа што Куманово е Македонија во мало. Граѓаните се пред сѐ луѓе кои взаемно се почитуваат и ги негуваат традициите на соживот. Јас повикувам на смиреност кај граѓаните и да не ги политизираме сите овие случаи“, порача Спасовски.

За потсетување, кумановската полиција расчисти случај на насилство во Куманово и ги приведе насилниците. По преземените мерки, било констатирано дека станува збор за недоразбирање без никакви меѓуетнички елементи.

СВР Куманово апелираше до медиумите за професионално и точно информирање без шпекулации околу причините за инцидентот.

Кумановската полиција вчера ги лишила од слобода Р.И.(18), Ф.А.(19), А.Д.(20), К.Г.(18), А.Т.(18), А.В.(18), А.С.(20), А.Б.(23) и Л.С.(19), сите од Куманово и кумановско, а на службен разговор биле повикани и тројца малолетници од Куманово.

Тие се сомничат дека на 14 ноември на улицата „Карл Маркс“ во Куманово со тврди предмети му го оштетиле возилото на Б.Ш.(20) од Куманово, по што тој во обид да избега предизвикал сообраќајна незгода удирајќи во паркирано возило.