14.8 C
Скопје
24. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Андонов: За да имаме утре, треба да штедиме струја денес

Под слоганот „Штедиме заедно денес за да имаме утре“, Владата од денеска преку информативно едукативни активности ќе ги мотивира граѓаните да штедат струја. Ќе презентира корисни информации како граѓаните поефикасно да ја користат електричната енергија и на тој начин да штедат.

Потребите на домаќинствата и малите потрошувачи во текот на вчерашниот ден се задоволени со домашно производство од 10.876 MWh електрична енергија од ЕСМ и со 3.110 MWh набавена електрична енергија. Во термоелектраните произведени се 7.834 MWh електрична енергија, а во ветерниот парк Богданци 2.952 MWh.

-Најважното за овој период од годината, во овие кризни услови во кои живееме заради воените случувања во Украина кои предизвикаа нестабилност на енергетските пазари, е дека за граѓаните обезбедивме електрична и топлинска енергија по најповолни можни услови. Состојбата со електро – енергетскиот систем е стабилна, продолжуваме да ја следиме секојдневно и да Ве информираме навремено. Во периодот што следува сите да ги зголемиме напорите за штедење на електрична енергија, да бидеме солидарни и да си помогнеме и себеси и на државата, рече Виктор Андонов, советник за енергетика.

Тој додаде дека ресурсите за производство на електрична енергија се ограничени, и затоа мора да бидеме економични и внимателни во нивната употреба и прераспределба.

-Енергетската транспарентност е врвен приоритет во справувањето со кризата и затоа со Вас редовно ги споделуваме сите релевантни информации. Денес официјално започнуваме со реализација на информативно-едукативни активности со кои сакаме да ја подигнеме јавната свест за тоа колку е важно штедењето на електричната енергија во услови на светска енергетска криза, за да имаме утре, треба да штедиме денес, додаде тој.

Андонов појасни дека целта е овие пораки за важноста на штедењето на електрична енергија да бидат слушнати и прифатени од што е можно повеќе граѓани.

-На тој начин очекуваме овие пораки да имаат позитивен ефект, да влијаат на сите нас да смениме нешто во секојдневните навики што ќе ни донесе бенефит веднаш и сега. Во овие информативни материјали содржани се корисни информации за граѓаните како поефикасно да ја користат електричната енергија и на тој начин да ја штедат. Граѓаните, институциите и компаниите се многу важни во овој процес! Секој од нас треба да се вклучи и да направи мала промена во домот и на работното место, која ќе значи многу за енергетскиот систем, рече Андонов.

Како да заштедат домаќинствата?

Стручњаците постојано укажуваат дека во Македонија електричната енергија не се троши рационално и дека кога граѓаните би се придржувале на советите ќе можат да ги преполоват сметките за електрична енергија. Од друга страна пак, граѓаните главно се убедени дека сериозно внимаваат на потрошувачката, но немоќни се да остварат каква било заштеда. Ова се најзначајните совети за заштеда на електричната енергија во домаќинствата кои ги сподели Владата, а кои се спроведуваат и на светско ниво.

– фрижидерот треба редовно да се чисти, а термостатот најдобро е да биде поставен на температура од 3 до 5 степени;

– современите прашоци за перење овозможуваат ефикасно чистење на алиштата и на температура од 40 до 60 степени;

– со секое вклучување на пеглата се троши струја за нејзино загревање, што значи алиштата е подобро да се пеглаат одеднаш;

– секогаш да се преферира туширање наместо капење во када;

– компјутерот и мониторот да бидат во режим на мирување секогаш кога не се користат, бидејќи годишно трошат 1000 kWh;

-машината за садови секогаш да биде полна и да се вклучува ноќе;

– бојлерот е најдобро да се вклучува ноќе, или пак да се вгради реле кое автоматски ќе го вклучува и исклучува во висока односно ниска тарифа;

– во текот на готвењето садовите треба да бидат затворени;

– жаречките светилки да се заменат со штедливи;

-клима уредот троши три пати помалку отколку електричната греалка, и најдобро е да се користи во опсегот на надворешни температури од 5 до 15 степени, на температура до 22 степени.

– во зимскиот период треба да се избегнуваат електричните греалки за догревање. Поисплатливо е користењето на ТА печки.

– тешките и долги завеси ги покриваат радијаторите и го оневозможуваат циркулирањето на воздухот.

Стручњаците тврдат дека со придржување кон овие правила секој дом може да заштеди и до 50% електрична енергија.

С.Т. (извор Цивил Медиа.мк)

Спонзорирано: