Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
+Македонија

Претседателот Пендаровски ги прими акредитивните писма од новоименуваната амбасадорка на Хеленската Република, Софија Филипиду

Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваната амбасадорка на Хеленската Република во Република Северна Македонија, Софија Филипиду.

На церемонијата на предавање на акредитивните писма претседателот Пендаровски оцени дека со потпишувањето на Преспанскиот договор, се создаде позитивна и конструктивна атмосфера во односите меѓу двете држави. Во таа насока, претседателот Пендаровски изрази уверување дека Република Северна Македонија ќе продолжи да биде активно посветена на имплементацијата на Преспанскиот договор и на натамошното продлабочување на соработката со Хеленската Република и изрази очекување дека и грчката страна ќе продолжи да вложува напори во насока на имплементација на Договорот, посебно во делот на проширувањето на правната рамка, која, како што оцени претседателот Пендаровски, е значаен предуслов за натамошно јакнење на соработката на билатерален план.

„Денес, Северна Македонија и Хеленската Република се сојузници во НАТО, двете држави ги поврзува заедничката визија и посветеност за мир, стабилност, благосостојба и економски просперитет во Регионот и во глобални рамки, како и блиските културни и хумани вредности, кои се клучни елементи во градењето на побезбедна и попросперитетна иднина за нашите граѓани. Нашето сојузништво во НАТО добива уште поголемо значење за целиот регион, во светло на руската воена агресија врз Украина и бројните предизвици кои таа ги создава за сите земји во Европа, но и пошироко. Во таа смисла, натамошната интеграција на Западниот Балкан во Европската Унија е дополнителна гаранција за стабилноста и просперитетот на овој дел од Европа“, рече претседателот Пендаровски, изразувајќи благодарност за гласната поддршка што Хеленската Република ја дава за евроинтеграцијата на Северна Македонија.

Амбасадорката Филипиду оцени дека интензивирањето на билатералните средби на високо ниво е доказ за зголеменото зближување меѓу двете држави.

„Грција е силно посветена на унапредување на севкупните односи и искреното пријателство со Република Северна Македонија. Оттука, очекуваме интензивирање на напорите за целосно, доследно и со добра волја спроведување на Договорот од Преспа. Ја поздравуваме Северна Македонија за одржувањето на првата меѓу-владина конференција што го отвори патот на европската интеграција. Грција отсекогаш ги поддржувала и промовирала европските амбиции на Западен Балкан, вклучително и на Република Северна Македонија и е подготвена да ја обезбеди својата експертиза за олеснување на процесот“, рече амбасадорката Филипиду.

Претседателот Пендаровски на амбасадорката Филипиду и посака успешно извршување на значајната функција.

Видео-материјал: