Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
+Македонија

Ковачевски: Конкретен доказ за соработката со Албанија е враќањето на иконите кои се културно наследство на земјава

Премиерот Димитар Ковачевски истакна дека денес се поставуваат основите за тоа како ќе се развиваат Северна Македонија и Албанија додека заеднички чекорат на европскиот пат. „И јас и Еди имаме заедничка цврста политичка волја за развој на соработката“, рече премиерот Димитар Ковачевски на заедничката прес-конференција со неговиот албански колега Еди Рама. Премиерот додаде дека двајцата знаат што значи храбро и одговорно лидерство базирано на европските вредности, па затоа Северна Македонија и Албанија денес се заедно на европскиот пат. Според Ковачевски, двете земји денес ги надминуваат актуелните предизвици од глобалната економско – енергерска криза солидарно, како рамноправни членки на НАТО и партнери на САД, во рамки на иницијативата Отворен Балкан, во рамки на Берлинскиот процес и низ унапредувањето на билатералните односи.

Ковачевски зборуваше за меморандумите потпишани на денешната втора седница меѓу владите на Република Северна Македонија и Република Албанија, за енергетска и патна поврзаност, но и за враќање на незаконски изнесените икони, кои се културно наследство.

-И останатите меморандуми што ги потпишавме се однесуваат на продлабочување на соработката помеѓу двете држави за повеќе важни прашања, веќе вие имавте прилика да присуствувате на потпишувањето на сите договори и меморандуми. Она што сакам да го истакнам и издвојам меѓу другото кое денес го направивме, а е уште еден кокретен доказ за нашата добра соработка и развојот на меѓусебната доверба, е договорот за враќање на незаконски изнесени икони од нашата држава, уште во 2013 година. За овие икони кои се плод на богатата домашна иконописна традиција од 19 век и се значаен дел од националното културно наследство, по завршената кривична постапка водена од судските органи во Тирана, преку денешниот Договор, ќе се започне постапка за физичко враќање во државава, рече Ковачевски.

Тој додаде дека оваа втора меѓувладина седница е континуитет на она што било договорено на првата меѓувладина седница што се одржа во Поградец во Албанија. „Оттогаш, ја унапредивме нашата соработка и во рамките на Отворен Балкан и на Берлинскиот процес преку меѓусебна помош и поддршка во справувањето со последиците во економско-енергетската криза“, заклучи Ковачевски.