20.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СТАВМАКЕДОНИЈА

Континуитетот на В. Михајлов е идеологем и увертира во нови насилства

Пишува: НЕНАД ЈОВАНОВИЌ

Ако Мицкоски вели дека Ванчо Михајлов треба да се почитува, односно кога Мицкоски вели дека ВМРО-ДПМНЕ бележи континуитет во ликот и делото на Ванчо Михајлов, за мене тоа значи идеологем и увертира во нови насилства; и уште значи дека тоа е вовед во нов „македонски Аушвиц“ по примерот на оној од 27 април 2017 година.

 

Слика прва.

Тоа е момент од „ноќта на ужасот“, 27 април 2017 година. Тоа е време кога Ѓорѓе Иванов, претседателот на државата и покровителот на тие кои тепаа – во македонското Собрание – се слушнал вечерта со Кремљ. И Кремљ му дава поддршка за да ги „примени мерките“, велеше тогаш несреќната претседателска фигура. A „примена на мерки“ беше вовед во вонредна состојба, а вонредна состојба беше ништо друго освен тоа дека теророт над неистомислениците (верувам дека не сте заборавиле) ќе биде формализиран, поточно, теророт ќе стане легален и легитмен облик на општествено-политичкиот живот во Македонија.

Да бидеме уште попрецизни: тоа значи дека „патриотите“ ќе продолжат да ги тероризираат оние другите, ама никако и обратно. Ако „тие други“ ги тероризираа патриотите, тогаш тоа во клаустофобичните патриотски глави се исчитуваше како антидржавен и антинационалистички бунт, тогаш тоа е одбрана „на нацијата“ за која треба да се исправи секој граѓанин и да се ангажира и меѓународната заедница.

Слика втора.

Во текот на ноќта на ужасот, се појави некој Симеоновиќ или така некое презиме, се претстави за шеф на српската партија во Македонија, беше полн со себе, зрачеше со некоја сила и некое чудно воодушевување во врска со Кремљ. Неговото воодушевување беше толку големо така што Кремљ можеше, од неговите зборови, да ни се пристори како персонифицирана појава, како некаков супер јунак и правдоносец чиј збор е тужба, и чиј збор е апсолут за тоа што е зло а што е добро, или ни го кажа во вид на апсолут она кое е единствено праведно и она кое е единствено неправедно.

И кога таков Кремљ ќе каже дека претседателот Иванов треба да воведе вонредна состојба, која, се разбира, тогаш подразбираше дека секој „свесен Македонец“ може да го шамари и толчи својот предавник и својот Албанец (се сеќавате на главата на Села?), а предавникот Албанец не смее да му возврати, тогаш тоа е конечна и дефинитивна вистина на светот.

Слика трета.

За време на линчот од 27 април 2017 година, се појави Хрват во блуза/маица на Хрватските воени сили, со натпис „За дом спремни“, а на социјалните мрежи се идентификуваше, внимавајте убаво, како Владимир Георгиев Черноземски. Го повикуваше Анте Павелиќ и хрватските усташи во помош на македонските браќа, и уште тогаш знаев дека нема да има никаков сомнеж дека тие ќе му се придружат, па макар и само вербално.

Извесниот Семеоновиќ, ако така се викаше, Србин и личен пријател на „супер-јунакот од Кремљ“, и Владо Георгиев Черноземски во идентитетот на Хрват облечен во ХОС- маица, со парола „За дом спремни“, околу политичко-идентитетските превирања на 27 април 2017 година во Македонија, се најдоа на иста страна.

Не само што се многу индикативни пораките на Мицкоски кои денес ги испраќа – ние сме континуитетот на Ванчо Михајлов – туку се и многу поучно. И незаборавни. Го враќаат човека нужно во насилствата од минатото.

Патриотизмот на ултра-десницата е секогаш ист патриотизам – исто е и толчење кон предавникот за кој тие ќе ти кажат дека е предавник. Српските патриоти, Хрватските патриоти и Македонските патриоти се исти патриоти.

Притоа, за себе велат дека се и верници, христијани и побожни. Мене, во секој случај ми се чини дека оној човек што ја грабна Шекеринска за коса и ја акна од земја, во Бога не верува. И дека во Бога не веруваат ниту оние луѓе кои ги натераа оние други луѓе од балконот во Собранието да се симнуваат.

Од друга страна, мојот сериозен проблем со Црквата, и тоа со секоја Црква, е што нејзините предводници многу често ја застапуваат страната на раката која ја влече жената за коса, отколку онаа страна која е изложена на насилство. Тоа, со Бог, ќе ми простите, нема никаква врска. Ама има врска со божјите институции на земјата.

Многу ми е грозно кога ќе се присетам на овие сцени; многу е срамно тоа што се случи на 27 април 2017 година. Тоа што се случи таа вечер, тоа нема никаква врска со демократија, Европа и човековите права. Тоа има врска со Републиката. А Републиката тогаш беше тотално растурена.

Ванчо Михајлов, пак, и повикување на тој авет од минатото како некаков ебен „континуитет“, мене ми говори дека старо-новите парапатриотски струи, на чело со Мицкоски, повторно ќе ја растураат Републиката како што кулминацијата на тоа растурање беше во „ноќта на ужасот“. Поточно, ќе се растураат луѓето, а растурајќи ги луѓето, така ќе го легитимираат насилството, и ќе продолжи да се мава „од ракав“ кој е „вистински“ патриот, а кој е предавник.

Дај Боже да не сум во право. Ама се плашам дека сум.

пишува Ненад Јовановиќ, извор Frontline.mk