Пишува: Зоран Бојаровски
„Активната блокада“ на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, што е синоним за неодговорно однесување, се пресликува и на ниво на локалните самоуправи во кои „владее“ оваа партија, а застојот во реализацијата на ИПА проектите ја вклучува и Општина Тетово, каде што локалната власт е во рацете на БЕСА.
Овој застој, или блокади, ги доведуваат во ризик проектите од исклучителна важност за животната средина вредни 270 милиони евра од ЕУ фондовите.
Во оваа анализа фокусот го ставаме само на дел од проектите за заштита на животната средина, иако блокадата што ја спроведуваат ВМРО-ДПМНЕ и дел од партиите на опозицијата ставаат под неизвесност уште многу други проекти и процеси поддржани со буџетски и европски пари.
За потребите на оваа анализа, Цивилмедиа дојде до писмото што, како уште една од бројните укажувања, предупредувања и опомени, беше упатено преку Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) до дел од општините каде што се блокирани овие капитални проекти од исклучително значење за животната средина и за квалитетот на животот на граѓаните.
Станува збор за следните проекти:
– Регионален центар за отпад за Источниот и Северо-источниот регион во вкупна вредност од 40 милиони евра.
– Изградба на Центар за преработка на нус прозиводи од животинско потекло во вкупна вредност од 9 милиони евра.
– Изградба на пречистителна станица за отпадни води и проширување на канализационата мрежа во општина Битола со вредност од 28 милиони евра.
– Изградба на пречистителна станица за отпадни води и проширување на канализационата мрежа во општина Тетово со вредност од 30 милиони евра.
Со исто таква алармантна важност се и укажувањата за застојот во процесот за изградба на Пречистителна станица за отпадни води во Велес за којашто општината треба да изработи хидролошка студија, како и апелот до Општина Ресен конечно да ја заврши техничката документација за инфраструктурниот проект за канализација и водоснабдување како дел од проектот „ЕУ за Преспа“, и двата проекти во делот на подготовка на проекти за ИПА 3.
И на сето ова, ако се додаде заглавениот проект за Пречистителна станица за отпадни води Скопје, со која се опфатени 10 општини вредна 136 милиони евра, заради „рачињата во теглата со мед“ на Данела Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ, како блокирањето на регионален центар за отпад за југозападниот и Пелагонискиот регион регион во вредност од 30 милиони евра, вкупната вредност на овие проекти доведени во ризик изнесува 270 милиони евра.
Во писмото од СЕП до ЗЕЛС, како инстанца којашто е повикана да апелира до општините да си ја завршат документацијата и да си ги спроведат процедурите, се истакнува дека доколку овие проекти не се реализираат според фазите предвидени за нивно остварување, државата, општините и граѓаните се соочуваат со губење на ИПА средства, како и со средства од ЕБОР, ЕИБ или Светска банка, или за враќање на веќе одобрените средства назад во буџетот на ЕУ.
Ризиците и заканите од еден ваков, сосема можен епилог, на крајот од краиштата ќе се сведе како одговорност на локалните самоуправи во кои владее ВМРО-ДПМНЕ и другите партии од опозицијата како што е БЕСА во Тетово, заради игнорирање или одбивање на учествуваат во координирање на проектите за нивна непречена и целосна реализација, заради отсуство на волја да обезбедат непречена процедура и постапки во надлежност на општините кои вклучуваат доцнење на обезбедување на потребните дозволи, на непостоење на урбанистичка документација, на неспроведување на постапки за експропријација до блокади од политички причини или бојкот на населението кој по правило е поттикнат од локалните власти, односно од локалните ограноци на ВМРО-ДПМНЕ и другите партии од опозицијата.
И најновата, апдејтирана проверка на статусот на реализацијата на овие проекти што ја направивме во контакт со лицата задолжени за односи со јавноста во општините или со одговорните на секторите надлежни за овие проекти во локалните самоуправи, потврдија дека овие суштински капитални проекти за животната средина и за подобар квалитет на животот на граѓаните се запрени.
Од Секторот за урабнистичко планирање и заштита на животната средина, спроведување на урбанистички планови, комунални дејности и уредување на градежно земјиште на Општина Битола не информираа дека не се спроведени постапките за избор на изведувач, иако тендерот за избор на надзор за изградба на пречистителната станица за Битола е спроведен и завршен уште во 2019 година.
Од службата за односи со јавност на општината не информираа дека „постапката за проектот за колекторот и филтрационата станица за отпадни води за Тетово и селата Џепчиште, Порој, Голема и Мала Речица и Фалише, е во фаза на експропријација и потоа за ова ќе се отвори јавна набавка“.
Тоа е идентична состојба со онаа од 15 март кога е испратено писмото од СЕП до ЗЕЛС, од каде, пак, на 25 март, во одговорот на ЗЕЛС се наведува потполно истиот статус на проектот, за кој, да потсетиме одлука за негова изградба беше донесена во 2017 година, а во 2019 започна расчитувањето на депонијата во село Фалише каде што треба(ше) да се гради пречистителна станица за отпадни води.
Нашите извори во општина Ресен ни потврдија дека и покрај укажувањата од Секретаријатот за европски прашања, таму не сѐ уште не е подготвена техничката документација за инфраструктурниот проект за канализација и водоснабдување како дел од проектот „ЕУ за Преспа“.
Иста е состојбата и со хидролошката студија за Велес, односно таа сѐ уште не е изработена, иако во буџетот на општината се предвидени средства за оваа намена.
Ако оваа тенденција на ВМРО-ДПМНЕ не биде запрена, станува сосема јасно дека овој концепт на „активна блокада“ на најголемата опозициска партија, којашто гледаме сѐ повеќе се аплицира и на локално ниво, има тенденција да се прелее и врз останатите проекти од важност за граѓаните. Такви се, на пример, средствата од ИПАРД 3 во висина од 97 милиони евра за поддршка на инвестиции во нова земјоделска механизација, изградба на сточарски и живинарски фарми, винарии, млекари, кланици, ладилници, инвестиции во рурален туризам, поддршка за мали бизниси во рурални средини и подобрување на руралната инфраструктура, кои се исклучително добредојдени и ги очекуваат повеќе од 110.000 земјоделци во нашата земја.
Северна Македонија е на второ место во регионот по вредноста на ИПА проектите по глава на жител
Квалитетните и приоритетни предлог проекти на Северна Македонија со кои учествуваше во сите повици за техничка помош и предпристапна помош за инвестициски грантови, на граѓаните на државата ѝ обезбедија 2,6 милијарди евра за 27 капитални проекти за вкупна вредност на инвестиции од 421.4 милиони евра, надополнети со заеми од околу 600 милиони евра за периодот 2021-2027 година.
Она што е допопнителна вредност на одобрените средства е доколку овој износ се подели со бројот на население доаѓаме до скоро 230 евра по глава на жител, што ја става нашата земја на второ место по искористеност на европски средства од инвестицискиот фонд за Западен Балкан, веднаш после Црна Гора.
Ова на прес конференција на 17 јули оваа година го соопшти заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, кога истакна дека Северна Македонија и понатаму останува лидер по искористеност на ЕУ фондовите од предпристапната програма за поддршка на земјите кандидати (ИПА), Инвестициската рамка со европски средства за Западен Балкан, како и според висината на одобрени поволни кредити и заеми од Европскста банка за обнова и развој, од Европската инвестициона банка, како и од Светска банка.
Оваа стекната позиција на Северна Македонија во Брисел со квалитетни проекти тесно поврзани со усогласувањето на стандардите на земјата со оние на ЕУ, помага да се забрза процес на реформи за напредување кон членство во Унијата, со истовремено остварување на целта за подобар, полесен и поквалитетен живот за граѓаните сообразен со оној на граѓаните на Европската Унија.
На крајот на јули 2022 година, Европската унија ги одобри првите проекти за спроведување на Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан. Беа одобрени сите 4 проекти за кои аплицираше Владата во вкупна вредност од 225,6 милиони евра. Одобрените се: Проектот изградба на железница помеѓу Северна Македонија и Бугарија во рамки на Коридорот 8, секција Крива Паланка – граница со Бугарија, доделен е грант во износ од 149.2 милиони евра, проектот за набавка на опрема за Осломеј 1 – Фотоволтаична станица доделен е грант за Северна Македонија во износ од 1.6 милиони евра, Проектот за набавка на опрема за Осломеј 2 и Битола – Фотоволтаична централа доделен е грант во износ од 5 милиони евра, а за проектот за изградба на пречистителна станица за отпадни води во Скопје еден дел од вкупната вредност од 136 милиони евра беша трансформиран во неповратен грант грант во висина од 69.8 милиони евра.
На повикот за инвестициски грантови, Северна Македонија учествува со три нови проекти во вкупен износ од 53 милиони 15 илјади и 968 евра и тоа: Два проекти од областа на енергетиката, и тоа реновирање на шест хидроцентрали и изградба на ветернички парк во Богданци и еден од областа на заштитата на животната средина, изградба на регионални центри за цврст отпад во Полог, Пелагонија, Вардар, Југо-западен и Југо-источен регион, најави на таа прес конференција Маричиќ, додавајќи дека во соработка со Германската развојна Банка ќе се работи на енергетска ефикасност на сите студентски домови во државна сопственост.
Вицепремиерот Маричиќ на прес конференцијата посочи дека со почетокот на скринингот, а многу повеќе со отворањето на поглавјата, граѓаните ќе го оценуваат напредокот на земјата токму низ имплементацијата на европските стандарди во сите сфери на општеството и информираше дека на почетокот од 2023 година следува нова инвестициска офанзива преку фондоовите на ЕУ.
извор: Civilmedia.mk