Коментирајќи ја рекордната стапка на инфлација од речиси 20%, поранешниот гувернер на Народна банка, Љубе Трпески отворено посочува дека само еден добар дел од инфлацијата во Македонија е увезена, односно е резулат на конфликтот меѓу Русија и Украина и економската војна меѓу западните земји и Русија. Според него, останатите чинители се домашни.
“ Има и домашни фактори кои долеваат масло на огнот и ја злоупотребуваат ситуацијата, “ ловејќи во матно’’, и вештачки подигајќи ги цените на своите производи’’, изјави Трпески за Локално.
Категоричен е дека справувањето со инфлацијата не е работа само за централните банки. Тука, според него, повеќе има потреба од реакција на Владата и нејзините министерства и агенции отколку на Народната банка.
“Народната банка веќе превзема мерки, онака како што го прават и другите централни банки во светот, но мерките на централните банки се ефикасни ако инфлацијата е предизвикана од зголемена побарувачка на стоки и услуги (tn Demand pul inflation –инфлација на побарувачка ),а сегашната инфлација е предизвикана од зголемените трошоци (tn cost push Inflation – инфлација на трошоци), и во таков случај, поефикасни се мерките од фискалната политика’’, вели Трпески.
Како позитивен факт ја посочува тесната кооперација и координација меѓу Министерството за финансии и Народната банка, односно меѓу фискалната и монетарната политика.Во оваа насока Трпески сугерира дека само со координирани мерки на Владата и на НБМ може да се делува во смирувањето на инфлацијата.
Граѓаните од друга страна , тешко можат да најдат смирувачки елемент во целата ситуација. Поголемиот дел од населението едвај преживува, а потрошувачката кошничка се полни само со најосновното. За една година лебот и житата поскапеле двојно, а повеќе од 40-процентно зголемување е регистрирано кај млекото, сирењето, јајцата, маслата, мастите, течните горива. Цврстите горива поскапеле за 38,5%, топлинската енергија за 30%, а гасот и струјата за повеќе од 20%. Во актуелната ситуација повеќе од три минимални плати се неопходни за едно четиричлено семејство да може да ги покрие трошоците за потрошувачката кошничка која достигна над 51 илјада денари. Владата досега обезбеди неколку пакет мерки помош за стопанството и за граѓаните, а во таа насока е одлуката за цена на електричната енергија која ќе биде дадена на прехрамбената индустрија за производство на основните производи со цел нивната цена да се намали за најмалку 10 %.намалувањето на цената на производите уверува Владата нормално ќе доведе и до намалување на инфлацијата.
К.В.С.
извор Локално.мк