Планирани се повеќе средства за повисоки пензии, за поттикнување на приносите и производството во земјоделството, за усогласување на платите со минималната, но и за развој на економијата преку инвестиции во инфраструктурата и поддршка на приватниот сектот. Предлог-буџетот за 2023 година има за цел да одговори на тековната криза, со 250 милиони евра наменети директно за справување со истата. Но, тој и има за цел да ја стимулира економијата, за да понатаму се постигнат посакуваните и потребни стапки од 5% економски раст – пишува во својата најнова колумна министерот за финансии, Фатмир Бесими.
„Во рамки на социјалните трансфери планирани се 75 милијарди денари за исплата на пензии, односно за околу 10% повеќе во однос на годинава, со цел да се обезбедат средства за усогласувањето на пензиите со растот на просечната плата и со трошоците за живот, по систем 50%-50%. Предвидени се и 12,5 милијарди денари за исплата на надоместоци за социјална заштита на најранливите слоеви на населението. Исто така, по 1,5 милијарди денари одделно, се планирани за исплата на паричен надоместок во случај на невработеност и за активни мерки за вработување“, пишува Бесими.
Во однос на расходите за плати проектирани се 34,9 милијарди денари, согласно постојните законски решенија, односно сумата е повисока за 1,6 милијарди денари, во насока на усогласување со минималната плата во текот на следната година, согласно новата методологија. Сепак, продолжува и определбата за оптимизација на вработените во јавниот сектор.
Предвидени се и субвенции за справување со кризните состојби за снабдување со неопходните енергенси и стимулирање на домашното производство на електрична енергија. Исто така, издвоени се средства за субвенции за поддршка на земјоделскиот сектор, со цел зголемување на домашното растително и животинско производство и стимулирање на приносите. Планирани се средства за субвенции на приватниот сектор, наменети за поддршка на мали и средни претпријатија, зголемување на конкурентноста, иновативната дејност, технолошкиот развој и истражувањето, нови инвестициски вложувања, поддршка на извозот и освојување на нови пазари, поддршка за создавање на нови вработувања и слично.
Бесими истакнува дека она што со право на овој буџет му го дава епитетот развоен е тоа што Буџетот за 2023 година се заснива на „златното правило“ во јавните финансии, односно капиталните расходи да бидат повисоки од буџетскиот дефицит и да се позајмува само за да се проекти кои ќе дадат додадена вредност во економијата.
“Со овој буџет планираме капитални расходи на ниво од 48,9 милијарди денари (791 милиони евра) или за околу 52,3% повисоки во однос на проекцијата за 2022 година. Планирано е интензивирање на инфраструктурните проекти, односно за инвестициски вложувања во патната и железничката инфраструктура, енергетската и комуналната инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот систем, земјоделството, културата, спортот, заштитата на животната средина и правосудството. Во интерес на просторот и читливоста, ќе споменам само дел од проектите опфатени во оваа сума“, пишува министерот за финансии.