„Македонскиот јазик го идигнавме на исто рамниште со сите јазици во Европската Унија. Се изборивме македонскиот јазик и идентитет да бидат признаени и потврдени во ЕУ – еднаш, засекогаш. Тоа се европски вредности, тоа се вистински одлуки, тоа е вистински патриотизам – тоа е СДСМ“ изјави премиерот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски на граѓанската трибина во Делчево.
Тој додаде дека Договорот со Фронтекс е историски исчекор, бидејќи е првиот договор кој ЕУ го потпишува на официјален македонски јазик, без фусноти, без ѕвездички и додавки и без други појаснувања.
„Денеска овде стојам пред вас, во градот кој името го носи на македонскиот великан Гоце Делчев и со крената глава, гордо и достоинствено можам да кажам, вредеше. После 17 години во чекалницата, започнавме преговори со ЕУ. За нас Македонците е уште поважно што започнавме преговори со ЕУ со заштитен македонски јазик и идентитет. На нашите деца и внуци им оставаме чист пат, никој да не може повеќе да ги оспорува или негира“ рече Ковачевски.
Премиерот додаде дека тие кои ширеа лаги на ниво на хистерија, ВМРО-ДПМНЕ и Левица и кои креираа тензии се обрукаа и нивните лаги паднаа во вода, па сега немаат доблест ниту да се извинат, ниту да им честитаат на граѓаните.