22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

МЖСПП: Природните катастрофи не можат да се запрат, но преку управување со ризикот ранливоста на заедниците мора да се намали

Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, амбасадорката на Швајцарија Вероник Улман, постојаниот претставник на УНДП Армен Григорјан и градоначалникот на општина Тетово Билал Касами направија теренска посета на градежните работи за регулирање на поројот во село Шипковца, општина Тетово, што се реализира во рамки на Програмата за подобрување на отпорноста на поплави во Полошкиот Регион.

Амбициозната цел на оваа Програма е да поттикне трансформациска промена во управувањето со ризиците од поплави во регионот, забрзувајќи ја промената од чисто реактивни одговори на поплави кон интегрирани системи за управување со опасностите, ранливостите и изложеноста на заедниците и добрата за да се спречат/ублажат загубите и да се олесни влијанието на идни поплави.

„Оваа е исклучително важен проект, пред сè во интерес и заштита на населението и обезбедување одржлив и инклузивен раст со подобрување на отпорноста на заедниците од Полошкиот Регион на катастрофи од поплави. Со преземните мерки, произлезени од сеопфатни студии и планови за проценка на ризикот од поплави делуваме превентивно за намалување на опасноста од порои, поплави, свлечишта на кои овој терен е подложен, ја зголемуваме отпорноста и подготвеноста на локалните заедници за справување со елементарните непогоди и природни катастрофи, како онаа од 2015 година која однесе и човечки жртви“, изјави министерот Нуредини посочувајќи дека проектот е со висока сензибилност што произлегува од потребата да се постават технички решенија на локации каде веќе има изградени населби за живеење.

„Од тука произлегува потребата од силна соработка, трпение, разбирање и стратешки и плански пристап, потреба од широка информираност, инклузивност, внимателно планирање и урбанизација на просторот, информираност за ризични зони на поплавување и особено континуирана вклученост и едукација на населението во текот на целиот процес“, порача Нуредини.

Регулацијата на поројот е во должина од 3,6 км, со акцент на делот од поројот кој минува низ селото во должина од 350 метри и се спроведува од април до ноември годинава. Проектот е финансиран од швајцарската влада и од буџетски средства, а е имплементиран УНДП.

„Швајцарската Влада преку Програмата за подобрување на отпорноста на поплави во Полошкиот регион, поддржува сеопфатен сет на дополнителни мерки за ублажување и мерки за градење на отпорност“, изјави амбасадорката Улман нагласувајќи дека оваа Програма има за цел да ги замени стандардните ад-хок одговори на настаните од поплави и традиционалните пристапи за контрола на поплави со интегрирано управување со поплави базирани на ризици.

Постојниот претставник на УНДП Армен Григорјан порача дека треба да управуваме со ризиците, а не само со катастрофите. Локалните власти треба да планираат стратешки и да бидат подготвени брзо да одговорат на кризи за да ги заштитат луѓето и добрата.

„УНДП е тука да помогне во воспоставувањето систем на ефективна координација помеѓу националните и локалните власти што е од критично значење во овој процес.Само интегрираниот пристап на сите девет општини во Полошкиот Регион на крајот ќе биде подобрување на севкупната отпорност на заедницата на поплави“, посочи Григорјан.