Претседателот Стево Пендаровски, во рамки на официјалната посета на Република Полска, денеска се обрати на свечената церемонија по повод почетокот на новата академска година на Колеџот на Европа во кампусот Натолин во Варшава.
Претседателот Пендаровски истакна дека е почестен што говори на отворањето на академската година, на 30-годишнината од основањето на колеџот, што е признат за неговиот вреден придонес за интеграцијата на Централна и на Источна Европа во Европската Унија.
Во своето обраќање претседателот Пендаровски рече дека перспективата за членство во Европската Унија е прашање за кое постои широк социјален и политички консензус во регионот, истакнувајќи дека со прогласувањето на независноста во 1991 година, во нашата држава веќе беше постигнат национален консензус за европската иднина.
Претседателот Пендаровски оцени дека европските интеграции имаат единствен потенцијал да бидат катализатор за длабока трансформација на сите слоеви на нашето општество. Владеењето на правото, независното судство, антикорупцијата и слободата на медиумите, како што рече претседателот, не се обврска на Брисел, туку на политичките елити и тие треба да ја сносат одговорноста. Но овој процес, според претседателот Пендаровски, треба да биде двонасочен, со цел да биде ефективен, и како што нагласи, пристапот на Европската Унија кон интеграцијата на Западниот Балкан треба да биде храбар, а не колеблив.
Со прифаќањето на европската преговарачка рамка, рече претседателот Пендаровски, беше отворена вратата за организирање на меѓувладината конференција во јули оваа година, што беше историски момент за нас.
„Бидејќи неодамна ги отворивме преговорите, едно е сигурно: ако процесот стане само уште една балканска бескрајна приказна, атрактивноста на ЕУ ќе достигне историски најниско ниво“, рече претседателот Пендаровски, повикувајќи ја унијата, во време на сериозна економска и енергетска криза поради војната во Украина да не се одложува европската солидарност кон Западниот Балкан.
Во обраќањето претседателот Пендаровски ја истакна важната улога на Полска како долгогодишен поддржувач на нашите европски интеграции и оцени дека зачестените контакти на највисоко ниво говорат за пријателството и партнерството меѓу двете држави.
Денешната свечена церемонија на Колеџот на Европа во кампусот Натолин се одржа во чест на починатиот претседател на Европскиот Парламент, Давид Сасоли, за кого претседателот Пендаровски оцени дека беше еден од најголемите поддржувачи на интеграцијата на земјите од Западен Балкан во Европската Унија, истакнувајќи дека самиот факт што неговата прва посета надвор од границите на ЕУ, во службено својство, како претседател на Европскиот Парламент беше во Северна Македонија, доволно зборува за неговите верувања и посветеност.