„Додека во време на ВМРО-ДПМНЕ пензиите беа замрзнати и се зголемуваа симболично само пред избори, ние за само шест месеци пензиите ги зголемивме за скоро 10 отсто, одосно само од март до септември оваа година, просечната пензија е зголемена за над 1.500 денари“ изјави премиерот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски на граѓанската трибина во Битола.
Тој додаде дека во време на криза должност на државата е да се обезбеди пристојна старост на пензионерите и токму затоа се зголемуваат пензиите и се осигурува и натамошен раст.
Премиерот Ковачевски додаде дека се реализира и економскиот пакет економски мерки вреден 400 милиони евра за поддршка на граѓаните, а продлабочувањето на светската криза донесе потреба и од нов сет мерки, донесени во консултации со сите засегнати страни, вреден 360 милиони евра.
„Над 200.000 граѓани финансиски ќе ги помагаме во следните четири најтешки месеци. Пензионерите со пензии до 14.000 денари, самохраните родители, примателите на гарантирана минимална помош, стечајните работници, ќе добиваат помеѓу 1.500 и 3.000 денари во следните четири месеци како помош да се справат со кризата. Државната помош продолжува и за компаниите, а најдоцна до први декември ќе го претставиме посебниот пакет мерки за компаниите кои произведуваат основни производи како леб и масло за јадење“ рече Ковачевски.