Centar.mk
ТЕМАБИЗНИСвест

Маричиќ: Со Стратегијата за вработување до стапка на невработеност од 11% до 2027 година

На денешниот објаснувачки скрининг состанок за Поглавјето 19, „Вработување и социјална политика“, заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, во своето воведно излагање кажа дека правична распределба на средствата е основна појдовна точка за социјалната политика на Северна Македонија и ЕУ и дека Владата останува посветена на создавање еднакви можности за сите и зајакнување на социјалниот дијалог.

– Новата Национална стратегија за вработување 2021-2027 година, која е донесена со Акциониот план 2021-2023 година, вклучува политики за развој на економијата и создавање пристојни работни места, инклузивност на политиките на пазарот на труд и подобрување на квалитетот на образовните резултати на сите нивоа. Во вториот квартал од 2022 година, стапката на невработеност се намали на 14,5%, додека целта поставена во Стратегијата е да достигне стапка на невработеност од 11% до 2027 година, истакна вицепремиерот Маричиќ на скрининг состанокот.

Во областа на вработување и социјална политика, тој рече дека земјата континуирано се усогласува со релевантното законодавство на ЕУ и во институционалните капацитети, што е потврдено во последниот годишен Извештај на Европската комисија.

– Подготвуваме нов Закон за работни односи кој е усогласен со релевантното законодавство на ЕУ и конвенциите на Меѓународната организација на трудот, најави Маричиќ, додавајќи дека се подготвуваат измените и дополнувањата на Законот за вработување и осигурување од невработеност, за воведување на гарантен механизам за заштита на правата на вработените во случаи на неликвидност на работодавците, согласно релевантната директива на ЕУ (2008/94/EC).

Главниот преговарач со Унијата, Маричиќ потенцираше дека Северна Македонија ги има зголемено бенефициите за социјална помош и продолжи со спроведувањето на мерките за ублажување за справување со социо-економското влијание на пандемијата COVID-19.

Во своето обраќање се осврна и на последните мерки и позитивен чекор на Владата за заштита и подобрување на животниот стандард на граѓаните, како и намалување на нееднаквоста, со зголемувањето на минималната плата, од која директен бенефит имаат 17% од работната сила.
До крајот на оваа недела ќе се одржат уште четири објаснувачки скрининг состаноци и тоа за Поглавје 20, „Претпријатија и индустриска политика“, Поглавје 29, „Царинска унија“, Поглавје 16, „Оданочување“ и Поглавје 25, „Наука и истражување“. Со тоа ќе се заокружи објаснувачкиот скрининг за Кластерот 3, „Конкурентност и инклузивен раст“.

Можеби ќе ве интересира

Нафтата се продава за над 110 долари

ДЕСК

ПОЧНА! Ограничување на литража при купување на гориво во бензински во Словенија

ДЕСК

Вечерва нов драстичен раст на цените на нафтата

ДЕСК