25.8 C
Скопје
7. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАИЗБОР

(Видео) Ковачевски: Струја, греење и храна мора да има

Премиерот Димитар Ковачевски заедно со вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, министерот за здравство Беким Сали и генералниот директор на ТАВ Метин Батак, денеска ја посетија Општата градска болница во Општина Гостивар, која со владини средства од проектите на ТАВ доби целосно нова фасада и ПВЦ столарија.

„Гостиварската болница доби околу 8.000 квадратни метри, целосно нова енергетски ефикасна фасада и целосно нови ПВЦ прозорци и врати. Во време на енергетска криза и недостаток на енергенси, и потреба да се заштеди што е можно повеќе струја, со инвестиција од речиси 480 илјади евра обезбедени преку ТАВ програмата, средства насочени за реалните потреби на граѓаните и во инфраструктурни проекти, гостиварци денес имаат топла и енергетски ефикасна болница, а докторите кои што работат во неа заедно со пациентите кои што доаѓаат имаат навистина објект во кој што може да се чувствуваат многу подобро од она што беше претходно пред да се изврши оваа комплетна реконструкција“, рече Ковачевски.

Ова, како што рече ќе биде долга и тешка зима, ние сме на нејзиниот праг, на почетокот, од денес е и почетокот на грејната сезона.

„Многу луѓе беа скептици дека во Скопје нема да може да се обезбеди греење, но денеска и граѓаните на градот Скопје и сите граѓани во државата можеа да се уверат дека Северна Македонија е земјата која што прва пушти топлинска енергија во својот главен град за разлика од некои други држави кои што го одложија. Ние не оставаме никого сам во време на оваа криза. Никој буквално нема да мора да се мисли помеѓу храна и греење во текот на зимата“, порача Ковачевски.

Според него, проектите како овој се одличен пример за паметно искористени државни средства за реалните потреби на граѓаните, а инвестициите во енергетската ефикасност носат придобивки на повеќе нивоа.

„Вие знаете дека како Влада и јас како претседател на владините институции односно на сите министерства им дадовме задача да штедат, односно да ја намалат потрошувачката на електричната енергија за 20 проценти. Вчера ми дојде извештајот за сите министерства. Заштедата на министерствата во текот на изминатиот месец во однос на истиот месец минатата година е 20 проценти. Значи кога се сака и кога се има насока и цел тогаш и се може“, рече премиерот.

„Струја, греење и храна, кажав и па ќе повторам мора да има. За сите. И тоа е приоритет број еден во периодот пред нас. Затоа и ги креиравме сите сетови мерки од ковид кризата па до денес“.

Затоа, посочи Ковачевски, двојно е зголемена минималната плата и направена методологија со која пензиите ќе растат континуирано.

„Во нашата држава во моментов има два концепти, едниот концепт е тој кој што јас го предводам, тоа е концептот на европска Македонија, тоа е концептот во кој што ние сите граѓаните на оваа држава. А тука пред се би сакал да им се обратам на моите сограѓани Македонци, со крената глава, со чист македонски јазик, со заштита на македонски идентитет што се потврдува и сега со договорот Фронтекс кој што ќе го потпишеме да бидеме дел од ЕУ и да седиме заедно на масата со сите 27 земји членки на ЕУ.

Јас знам дека нема да биде лесно на тој пат, знам дека донесовме тешки одлуки, тие одлуки ги носеа граѓаните, но ги носеа и политичарите.
Јас неколку пати кажав чувството кое што го имав, го имаа истото чувство и го делам истото чувство со сите мои сограѓани. Како некој со нож да ме сече во стомак. Но на крајот мора да се донесе одлука, таа одлука беше со крената глава, со чист македонски јазик со заштитен идентитет со историски прашања надвор од преговарачка рамка да ги отпочнеме преговорите. Уште еднаш повторувам знам дека на патот нема да биде лесно, но наградата е подобар живот и побогати граѓани на нашата држава“, нагласи Ковачевски.