27. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Петровска – Лекорну: Македонско – француската соработка се зацврстува – потпишан Договор за соработка во одбраната

Со заеднички изразен интерес за продлабочување и проширување на билатералната соработка, Република Северна Македонија и Француската Република, како НАТО сојузници, денеска ја зацврстија меѓусебната соработка.
Министерката за одбрана Славјанка Петровска и францускиот министер за вооружени сили Себастијан Лекорну денеска во Париз по одржувањето на официјалната средба, го потпишаа Договорот за соработка во областа на одбраната, кој воедно е прв од ваков карактер меѓу двете земји, а кој следува по потпишувањето на Договорот за набавка на воена опрема од француско производство. На средбата стана збор за соработката меѓу двете министерства и за состојбите во нашата земја и во регионот.
Со потпишувањето на овој договор се предвидува интензивирање на македонско -француската соработка во одбраната. Договорот предвидува плодна билатерална соработка во повеќе области како меѓусебна поддршка и развој на стратегиската одбранбена политика, организација и функционирање на силите, учество во меѓународни операции, воени вежби и тренинзи, воена едукација и друго.

„Одбранбената соработка помеѓу Северна Македонија и Франција е во фаза на силен развој и во овој момент го доживува максимумот. Договорот ќе даде дополнителен инпут кон досегашната соработка во полето на воената обука и едукација на кадри од Армијата на престижните француски воени школи, како и можности за заеднички развој на способностите и вештините на припадниците на вооружените сили и развојот на интероперабилноста на армискиот полигон „Криволак“”, рече министерката Петровска на состанокот со Лекорну.

Во разговорите министерката Петровска ја потенцираше важноста од интензивирањето на интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ, како инвестиција во безбедноста и сигурноста на регионот, но и на Европа.

„Како сојузници во Алијансата, остануваме посветени во градењето на мирот, безбедноста и стабилноста на регионот. Имаме исти предизвици, треба да најдеме заеднички решенија. Клучот за безбедна и просперитетна иднина на регионот е во демократизацијата и засилената европеизација на Западен Балкан”, истакна Петровска.

„За Франција, релацијата со Северна Македонија е централна точка за односот со Западен Балкан, а придонесот што вашата земја го дава во НАТО и за ЕУ, особено го цениме”, нагласи министерот Лекорну на средбата.

За време на работната посета на Франција, министерката Петровска ќе оствари средба и со директорот на Институтот за високи студии за национална одбрана на Франција, генералот Беноа Дуре, а се предвидува и средба со претставници на француската компанија МБДИ, како и со нашите претставници од дијаспората.