19.8 C
Скопје
24. септември 2022
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
CentarЛокално

(ВИДЕО) Арсовска со атак кон Мицкоски: Ти го фатив директорчето со рачињата во мед, никогаш нема да излезеш од тендер-матрицата

„Каде е шпицниот градоначалник Мицкоски“, „немој да се криеш“, „немој да се закануваш“ беа дел од пораките што Арсовска ги упати кон лидерот на ВМРО-ДПМНЕ откако претходно кон неа упати обвинувања и прозивки советникот Луке Галески на седница за советнички прашања на Советот на Град Скопје. Покрај за актуелните препукување околу проектот за пречистителната станица, ВМРО-ДПМНЕ ја праша и до каде е бесплатниот превоз за скопјани

Јавните обвинувања и остриот речник на релација Данела Арсовска – ВМРО-ДПМНЕ продолжија и на денешната седница на Советот на Град Скопје. Предупредувања до Арсовска дека можеби за една година ќе се најде во обвинителство да дава исказ, но и обвинувања од нејзина страна дека „директорчињата на Мицкоски биле фатени со рацете во медот“ и ословување на Мицкоски со „шпицен градоначалник“, можеше да се слушнат уште по првото советничко прашање што ВМРО-ДПМНЕ ѝ го упати на градоначалничката.

Пред јавните препукувања во градското собрание, седницата еднаш започна, но веднаш беше прекината на 15-ина бидејќи Арсовска доцнеше. Кога дојде, наместо во првиот ред, каде што почесно место има како градоначалничка, таа седна на последниот.

По двете прашања од двајца опозициски советници во Градот, од СДСМ и ДУИ, третото кон Арсовска го упати Луке Галески од ВМРО-ДПМНЕ.

Тој започна да зборува за тендерот за пречистителна станица тежок, како што рече, 160 милиони евра, поради кој Арсовска го разреши директорот на „Водовод и канализација“, Златко Перински и генералниот секретар Ѓоко Велковски – двајцата кадри на ВМРО-ДПМНЕ, за кои таа обвини за самоволие и сомнежи за несовесно постапување во набавката и обиди за влијание. Меѓутоа, Галески ја обвини дека вршела влијание бидејќи побарала смена на Комисијата за евалуација на понудите за проектот за пречистителна станица, која ја барала пред повеќе од еден месец пред да го разреши Перински. Тој ја праша и зошто чекала месец и половина за да го разреши ако се точни нејзините тврдења.

„Градоначалничката во светот на медиумите важи за прилично затворена, но затоа истиот ден кога се отвораа понудите за пречистителната станица таа имаше мотив да упадне на прес-конференцијата на Перински, можеби мотивот лежи во ликот на Аркан Керим. Дали го познавате и дали има поврзаност со турската компанија за која медиумите дознале дека е учесник на тендерот од 160 милиони евра. Подобро сега сетете се, не би сакал по една година од сега се сетите во обвинителство. Излегоа и информации дека нивната понуда била 20 милиони евра пониска од останатите. Од каде такви информации кога не биле отворени понудите? Дали за ова требаше промена на членовите на Комисијата?“, праша Галески.
Тој потоа ја праша Арсовска и за доскорешните директори на „Градски паркинг“ и „Дрисла“, Бојан Христовски и Јане Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ, велејќи дека еден ден ги фалела, а другиот не биле добри.

„Факт е дека и други двајца директори си поднесоа оставки. Истите кои Арсовска ги фалеше претходниот ден дека се исполнителни, веќе следниот ден беа разрешени. Сега кога беа добри, дента кога ги фалевте или следниот ден кога си дадоа оставка? Тие сами си заминаа. Веднаш потоа беше пуштена информација во јавноста од Арсовска и Градот Скопје дека понудата била или дајте си оставки или заминете. Непотврдени информации говорат дека се случувал вистински хаос во архивата на Град Скопје, па така само ќе предупредам дека лицата Ѓорги Грковски и Филип Силјановски, ако не биле предупредени, треба да знаат дека антидатирањето документи е кривично дело“,рече Галески.

Советникот од ВМРО-ДПМНЕ, партијата која застана зад Арсовска во кампањата, обвини и дека таа не ги исполнува ветувањата, па ја прозва и за бесплатниот градски превоз.

„Ова беше клучно во кампањата и добро е јавноста да знае дали конечно ќе се реализира. Претпоставувам дека нема да има одговор, но некогаш молчењето значи потврда“,рече Галески.

По ова, на говорница застана Арсовска, која не штедеше зборови против ВМРО-ДПМНЕ, пред сè, за партискиот лидер Христијан Мицкоски.

„Советниче, кога лажете и мавтате со документи, ви се тресе рачето и ви трепери гласот. Каде е шпицниот градоначалник, не го гледам тука? Кај се крие Мицкоски? Во ВМРО-ДПМНЕ има многу чесни, вредни, храбри луѓе. Мицкоски, за жал, не е еден од тие“, го почна Арсовска своето обраќање.

И таа го праша Галески како до вчера за нив била најдобар градоначалник на Скопје, но сега не е.

„Како до вчера бев најдобар градоначалник на Скопје, а откако ви го фатив директорчето со рачето во медот сега од еднаш не чинам. На сите тие прашања ќе си дојдат одговорите. Но мене, како што гледаш, не ми трепери гласот и не ми се тресат рачињата кога ви се обраќам. За тој спорен тендер има кој да си одговори зошто не постапувал како што треба. Јас ќе си продолжам по патот на правдата како што беше и до сега, како што и до вчера за вас бев најдобар градоначалник. Ама Мицкоски од тендер-матрицата нема никогаш да излезе. Тоа верувам на сите тука ви е јасно. Како што ви е јасно зошто од денеска не чинам, а до вчера бев супер“, рече Арсовска.

И во понатамошното обраќање таа продолжи со жестоки прозивки кон Мицкоски барајќи од него да не се крие.

„На шпицниот градоначалник да му кажам нешто: Мицкоски да не се крие, да се бореше со власта, да се бореше против спорните договори како што се бори овие 3-4 дена со мене, ќе ја спасеше Македонија. Сите знаат дека е така“, рече градоначалничката.
Своето обраќање таа го заврши и со барање за оставка од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

„Гледам што зборува шпицниот за оставките. Ако сака да зборува за оставки, Мицкоски треба да почне од себеси“, рече градоначалничката.

Додека таа зборуваше, неколкупати ѝ се исклучуваше микрофонот на говорницата, а претседателот на Советот, Трајко Славески, при крајот ја прекина велејќи дека ќе даде пауза за да се договорат за форматот на давањето одговори на советничките прашања.

„Форматот на одговорите е немој да се закануваш Мицкоски, немој да се криеш, дојди тука во очи кажи ми што имаш“, рече Арсовска.

По ова, Славески даде пауза, а Арсовска си замина од седницата.

„Жалам што си замина и што јавноста имаше прилика да види една голема омраза, неконтролирано однесување кое скопјани не го заслужуваат. Не можам да бидам задоволен од одговорите бидејќи не добив одговор на ниту едно прашање“, рече Галески по паузата.

Потоа следуваше уште една пауза за да се види дали градоначалничката ќе се врати. Во моментов, советничките прашања се во тек, но седницата тече со отсуство на Арсовска.

Пред Галески, за целата ситуација во своето пратеничко прашање зборуваше и советникот од СДСМ, Гордан Шутаров.

„Има една песна од Игор Џамбазов која вели каква е оваа ситуација? Што се случи другари? За милионски провизии ли го правите овој циркус? Замислете најбогатата партија во Европа се скара за милионски провизии. Па вие многу ниско сте паднале. Која е оваа фарса, иронија и перверзија која ја правите? Одржавме 16 седници на Советот на Град Скопје каде што се отепавте од фалење со проекти како имаме добар градоначалник, како градоначалничката со директорите, кои самата ги величаше, работат добро, самите вие ја величавте градоначалничката. 16 седници промовиравте проекти кои по првпат се случиле во Град Скопје, за сега да ве гледам по телевизии како градоначалничката ништо не работела, како немала ниту еден спроведен проект. Па, кои се тие проекти за кои се фалевте дека се направени? Нели 5 проценти од програмата ‘За модерно Скопје’ сигурно беше реализирана во првиот квартал?! Ниту модерно ниту брзо, а најлошо од сè, најнесигурно“, рече Шутаров.

Тој прашуваше и за тоа до каде е формирањето на Собрание на млади, како и зошто Кризниот штаб не заседавал пред невремето во Скопје на 30 август иако имало предупредување од УХМР. Меѓутоа, Арсовска рече дека на неговите прашања ќе одговори писмено.

Ова е прва седница на Советот на Град Скопје откако Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ влегоа во отворен судир и излегоа со низа меѓусебни обвинувања откако на ланските локални избори настапија заедно и ја освоија власта во главниот град.