24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ЛОКАЛНО

Приватно обезбедување ќе патролира околу парковите и игралиштата во Општина Центар

Општина Центар склучи договор со Друштвото за обезбедување на лица и имот „Екот Гард“ за обезбедување и редовни патроли на детските игралишта и парковите во општината.

Овој чекор доаѓа по честото оштетување на реквизитите од страна на несовесни граѓани, кои намерно ги оштетуваат и уништуваат парковите и детските игралишта и ќе опфати повеќе локации: паркот „Капиштец“, детското игралиште кај ТЦ „Зебра“, игралиштето на плочникот кај поранешна „Агромеханика“, игралиштето кај кафе барот „Mr. Jack“, игралиштата во блоковите 3 и 9 од Градски ѕд и детското игралиште во населба Пролет.

Во насока на зголемување на степенот на безбедност на територија на општината, униформирани лица од агенцијата за обезбедување ќе вршат контроли и ќе водат евиденција за евентуалното уништување на реквизитите и оштетувања од друг карактер.

Општината ќе врши надзор врз работењето на обезбедувачите, патролите на игралиштата ќе се одвиваат секој ден, од 19:00 часот па сѐ до 7 часот наутро, а припадниците на обезбедувањето по потреба ќе бидат и во контакт со службеници од МВР.

Ги охрабруваме сите граѓани кои ќе забележат било какви оштетувања и уништувања на реквизитите и останатите елементи на детските игралишта, да ги пријават до Општина Центар на телефонскиот број 075 219 142, со цел спречување на поголемо оштетување и овозможување на брза и навремена замена на уништениот реквизит.