Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, во интервју за телевизија „Телма“, изјави дека во процесот на преговори секој ќе има своја улога, вклучително и граѓанскиот сектор, кој се очекува да има суштинска улога, бидејќи како што вели Маричиќ, граѓанските организации во некои области имаат значајна експертиза, којашто ја нема дури ни во институциите за некои области, но од друга страна пак, треба да биде јасно исцртана и одговорноста.
– Ние веќе имавме средба со граѓанскиот сектор, непосредно пред гласањето во Собранието и тие средби ќе продолжат и во текот на летото, сè додека не изградиме еден модел за соработка меѓу граѓанските организации и Владата, бидејќи е тоа многу важен елемент. Тоа го пишува и во самата преговарачка рамка, дека процесот треба да биде инклузивен и дека треба да биде ангажирано целото општество. Ние го сметаме ова како една важна национална задача во којшто треба да учествуваат и граѓанското општество и стручната јавност и бизнис секторот и секако Собранието и политичките партии, рече Маричиќ.
Вицепремиерот додаде дека во процесот на преговори Владата ја има клучната улога, но се надева дека секој ќе има суштинска улога и ќе даде свој придонес, потенцирајќи дека мора да ја имаме предвид и улогата на Собранието, и на политичките партии, бидејќи тој процес треба да оди системски да се одвива и треба, пред сè, да дава резултати.
Маричиќ најави дека Владата ќе прави консултации со Советот за соработка меѓу Владата и граѓанските организации, којшто е претседаван од претставник на граѓанските организации во Владата, да се најде најдобра платформа за соработка и максимално да се искористи искуството на оние организации коишто работат во делот на европските интеграции, но и во одредени области, како животна средина и владеење на право.