10.8 C
Скопје
18. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

За целосно и законско работење на МРТ, Собранието да изврши избор на нов Програмски совет, порачува ДЗР

За целосно, континуирано и законско работење на Јавното радиодифузно претпријатие „Македонска радио-телевизија Скопје“ (ЈРП МРТ) укажуваме на потребата Собранието да изврши именување на членовите на Програмскиот совет кој согласно своите надлежности би извршил избор на Надзорен одбор, директор и заменик-директор.

Ова го препорачува Државниот завод за ревизија (ДЗР) во ревизорскиот извештај за 2020 година за МРТ објавен денеска.

Програмскиот совет, како што укажуваат и ревизорите во дел од извештајот, е со истечен мандат уште од 2019 година. Членовите на последниот состав се именувани од парламентот во 2014 година и нивните петгодишни мандати се истечени на 15 декември 2019.

Со тоа се доведува во прашање и работата на Надзорниот одбор, кој Програмскиот совет со истечен мандат го избрал во 2020.

„Иако со истечен мандат, Програмскиот совет во февруари 2020 година со одлука именувал членови на Надзорниот одбор. Сето наведено, од нормативно – правен аспект ги доведува во прашање овластувањата и вршењето на надлежностите од страна на Програмскиот совет и Надзорниот одбор“ потенцираат ревизорите.

Слични забелешки има и во однос на изборот на директор и заменик-директор, кој исто така се прави од страна на Програмскиот совет преку распишување јавен конкурс и поднесување програма за работа за период од три години со можност за реизбор.

„Раководните лица се именувани, согласно менаџерските договори од февруари 2018 година и во текот на 2021 година нивниот мандат е истечен. До денот вршење на ревизијата не е објавен конкурс за избор на директор и заменик на директорот на ЈРП МРТ, бидејќи Програмскиот совет кој треба да го распише конкурсот е со истечен мандат, што влијае вршењето на надлежностите од областа на дејноста кои се уредени со член 132 од ЗААМУ да е без доделено законско овластување – велат од ДЗР.

Во однос на финансиските извештаи во резимето од конечниот извештај на ДЗР се забележува дека со извршената ревизија за 2020 година се изразува мислење со резерва за вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи и за усогласеноста со законската регулатива, упатствата и воспоставените политики.

„Извршена е ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност за 2017 година, при што овластениот државен ревизор се воздржа од давање мислење за вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи, додека за усогласеност со релевантната законска регулатива, упатства и воспоставени политики изразено е неповолно мислење“,

пишува понатаму во резимето.

Во неколку точки, ревизорите во резимето ги сублимираат и констатираните состојби од ревизијата на финансиските извештаи и на усогласеноста, при што се наведува дека постојат слабости во воспоставените внатрешни контроли во работењето на претпријатието и истите претставуваат ризик по успешното управување со ризиците, клучните економски операции, поделбата на надлежностите и воспоставениот надзор над активностите.

ДРЗ забележува и дека не биле донесени стратешки, плански, програмски и подзаконски акти што може да влијаат на планирањето, работата и развојот на претпријатието.

„-во содржината на актот за организација и систематизација кај дел од работните места не се наведени барањата за конкретен вид на стручна подготовка и опис на работните задачи;

-интерните акти и начинот на пресметка на плата не се усогласени во целост со важечките законски прописи;

– не е воспоставена единица за внатрешна ревизија која треба да придонесе за подобро управување со ризиците, контролата и управувањето;

– во трговскиот регистар и регистарот на други правни лица при Централниот регистар на РСМ не е извршен упис на основната главнина на претпријатието;

– пописот на средствата и обврските на крајот на годината не е спроведен во целост и на начин уреден согласно Правилникот за вршење на попис;

– утврдени се неправилности во начинот на евидентирање на залихите, поради што за дел од потрошената залиха не се евидентирани расходи;

– недостасуваат податоци за преземените мерки за наплата на побарувања кои се постари од пет години, како и можноста за нивна наплата;“,

гласат дел од останатите констатирани состојби во ревизорскиот извештај за 2020 година.Понатаму се додава и дека се утврдени се неправилности во начинот на определување на работната успешност на вработените и во пресметката на додатоците за работа во смени и празници, како и во надоместоците по основ на правото за боледување.

Исто така, наведуваат од ДЗР утврдени се неправилности во начинот на планирање, доделување на договорите за јавни набавки и нивната реализација.