12.8 C
Скопје
17. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Ковачевски: Одлучуваме за подобра иднина со заштитен идентитет

Почнуваме забрзано да се движиме и да ја менуваме државата преку процесот на преговори со заштитен идентитет и чист македонски јазик, истакна денеска пред пратениците во македонското Собрание, премиерот Димитар Ковачевски.

“Ние не прифаќаме и не водиме политика на „или или“. Ние водиме политика и за преговори за влез во ЕУ и за заштита на нашето достоинство, идентитет, јазик и историја. Како резултат на тоа, и како резултат на поддршката на бројните европски пријатели, а верувајте ги има многу, успеавме да добиеме единствен, формален, заокружен, заеднички предлог на Европската Унија. На сите држави членки. Тој европски предлог на вистински начин ги отсликува нашите дефинирани позиции. Jасно го прецизира македонскиот јазик како единствен, признат и прифатен јазик за Европската Унија. Тоа е тоа што го баравме. Нашата национална ДНК, македонскиот јазик, да биде службен и единствено официјален јазик. Да, со европскиот предлог, целиот процес на нашите преговори, сите милиони страници во годините што следат, заклучно со Актот за полноправно членство, ќе бидат напишани на македонски јазик. На македонски јазик ќе се зборува официјално и во Брисел и во сите европски престолнини. Тоа е најголемото достигнување, најважниот успех”, рече Ковачевски.

Во своето обраќање Ковачевски истакна дека билатералните прашања со Бугарија, се надвор од преговарачката рамка.

“Сите билатерални прашања со источниот сосед, но и било кои други билатерални прашања со било која друга држава, особено соседна, не се дел од Преговорачката рамка со Брисел. Токму таа Преговарачка Рамка е Уставот на нашето интегрирање во ЕУ. И најважно од се, таа е ослободена, прочистена, од ваков тип на прашања”, додаде Ковачевски.

Ковачевски во своето обраќање кажа дека 30 години никој не понуди алтернатива и дека е време конечно, заслужено да ги започнеме преговорите со ЕУ.

“Со прифаќањето на европскиот предлог, Преговарачката рамка и заклучоците на Собранието, остануваме на единствениот пат, за кој повеќе од 30 години, никој не понуди алтернатива. Многу значајно, почнуваме забрзано да се движиме и да ја менуваме државата, преку процесот на преговори””, рече Ковачевски.