Бугарскиот премиер Кирил Петков го повика својот македонски колега Димитар Ковачевски да биде храбар и да го прифати компромисот предводен од Франција, кој ќе ја отвори вратата за Скопје да започне формални преговори за членство во ЕУ.
Но, Петков призна дека тоа може да ја урне владата на Ковачевски, исто како што самиот Петков се соочи – и изгуби – со гласање за доверба на неговата влада во средата.
„ На крајот на денот, знам дека е многу политички тешко“, рече Петков во интервју за „Политико“ во Брисел.
„ И знам дека ризикот од соборување на владата е голем ризик“, продолжи тој.
„ Како политичар треба да се одлучи, која е мојата цел на ова место? Дали мојата цел е да бидам стабилен? Или мојата цел е да ја водам нацијата – да направам чекор напред. И мислам дека ова е одлуката, што сега треба да ја донесе Димитар Ковачевски. Да бев јас на негово место, немаше да мислам два пати. Ако може да влезе во историјата со отворање на вратата за Северна Македонија во ЕУ, мислам дека тоа е добро … достигнување за еден премиер. Но, потребна е храброст“ порача Петков.
Бугарскиот премиер е во Брисел за да присуствува на самитот на Европскиот совет, каде Бугарија е под остри критики за попречување на пристапните преговори на Северна Македонија, не само од Ковачевски и од другите лидери од Западен Балкан, туку и од некои од највлијателните шефови на држави и влади на ЕУ.
„Дали е фер во однос на Северна Македонија? Ќе кажам многу искрено: не“, изјави синоќа францускиот претседател Емануел Макрон за печатот на самитот на лидерите на ЕУ. „ Ова е и причината зошто ние колективно извршивме голем притисок врз Бугарија овие последни месеци“ додаде тој.
Макрон го пофали Петков, за кого рече дека „направил сè“, но тој истакна дека Северна Македонија е жртва на внатрешната политика на Бугарија.
Петков инсистираше на тоа дека ја покажал потребната политичка храброст за да се бори против вкоренетите интереси, да ја запре корупцијата и да се заложи за договор со Скопје.