Нашата Влада направи сериозни напори и во изминатите години но особено во овој состав во изминатите неколку месеци на повеќе нивоа, да разговара отворено, искрено со Бугарија за да ги исполниме нашите надворешно политички цели, изјави заменик претседателот на Владата, задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ.
„ Нашата цел е пристапување во членство во ЕУ но секако во исто време заштита на нашите интереси во смисла на јазик, идентитет и започнување на преговори како процес кој ќе биде одржлив и партнер кој ќе можеме да го имплементираме на тој начин што ќе доведе до членство, одговори Маричиќ на новинарско прашање.
Тој смета дека во задачата којашто му е дадена од Владата e важно да се грижи за овие интереси и да работи за тоа и дека не можат ниту да се откажат од патот кон ЕУ, затоа што тоа е утврдено уште при нашата независност, но исто така не можат да се откажат од некои позиции кои се важни за секоја држава.
„ Заштитата на јазикот и идентитетот, за секоја држава е важно достоинствено да чекори кон патот на ЕУ, секако имајќи ги предвид добрососедските односи како битен критериум којшто ни е ставен во рамката, односно во критериумите за пристапување“, рече Маричиќ.
На прашањето во однос на цензурата, која се споменува во францускиот предлог, вицепремиерот истакна дека ние имаме законодавство кое приближно е усогласено со ЕУ, и за говор на омраза и за сè што важи за ограничување на слободата на говор.
„ Било што да се спроведува, би се спроведувало во рамките на нашето законодавство и преку нашите институции. Ниту министерствата се надлежни за тоа ниту пак може да го гонат. Целта на отворање на темата за говор на омраза е системски да се воспостават механизми за борба со говорот на омраза кон сите па вклучувајќи ги и Бугарите, истакна Маричиќ.
Маричиќ уште еднаш потврди дека во моментот кога ќе имаат каков било официјален предлог, тој секако ќе биде доставен на разгледување и во Владата и кај коалициските партнери во Владата и се разбира во некоја форма ќе биде консултирано и Собранието и комисијата за надворешни работи во секој случај.