33.8 C
Скопје
28. јуни 2022
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
Македонија

Грковска на Преспа форум дијалог: Треба сите заедно да работиме на родовата еднаквост и зголемување на учеството на жените во процесот на владеење

Унапредување на граѓанското и политичкото лидерство на жените и јакнењето на улогата на жените во процесот на градење доверба, помирување и добрососедски односи во Западен Балкан, беа теми на денешниот панел „Самит за демократија: Важноста на жените во процесот на владеење“, на Преспа форум дијалогот, на кој учествуваше заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска.

На оваа панел дискусија учесниците имаа можност да разменуваат искуства и мислења, да дискутираат за тоа како учеството на жените во процесот на владеење да стане врвен приоритет на владините агенди.

Во рамки на панелот вицепремиерката Грковска истакна дека родовата еднаквост и зајакнувањето на улогата на жените е прашање на правда и човекови права. Но кршењето на стереотипите е многу тешко и тоа е процес што трае. Не само во однос на жените, туку и во однос на возрасните лица, на лицата со попреченост.

„Целиот мој живот воопшто не сакам да зборуваме за родовата рамноправност само меѓу жени, зашто силно верувам дека тоа е прашање за целото општество и за тоа треба сите да зборуваме. Се гордеам што ние бевме првите кои успеавме во 2002 година, заедно со жените од другите политички партии во тоа време да придонесеме кон потпишување на првата декларација за жените во политиката, што беше потпишана од сите лидери на политичките партии. Воведувањето на родовите квоти за жените во политиката, како алатка за позитивна дискриминација, доведе до поголема застапеност на жените на пратеничките листи и во законодавниот дом. Да потсетам на изјавата на Маргарет Тачер која рече дека ако сакаш нешто да биде кажано, прашај маж, но ако сакаш нешто да биде направено, тогаш прашај жена“, нагласи Грковска.

На сесијата, како специјални гости, се обратија претседателката на Република Косово Вјоса Османи-Садриу и генералната потсекретарка на ОН за политички прашања и мировни операции Розмари Ди Карло, а на панелот учествуваа и амбасадорката на САД во Република Северна Македонија Кејт Мари Брнз, Катрина Фотоват, Роберт Бенџамин, Алберт Хани и Фатмире Исаки, заменик на министерот за надворешни работи.