Нов лек против тумори на ректумот стопроцентно ги лекува пациентите, покажа студијата објавена во престижното списание
“Њу енгланд журнал медицин”
Имунотерапевтски лек, наречен „достарлимаб“, беше даден на 12 пациенти со напреднати тумори на ректумот. Резултатот – кај сите 12 пациенти туморот исчезнал, без никакви несакани ефекти, покажа студијата. Пациентите примале достарлимаб на секои три недели во текот на шест месеци.
Новиот лек го разви Тесаро, американска биотехнолошка компанија. Д-р Луис Дијаз Јуниор, коавтор на студијата, изјави за Њујорк Тајмс дека овој успех е првпат во историјата на истражување на туморот. Научниците и лекарите продолжија да ја следат состојбата на сите 12 пациенти со месеци по терапијата и резултатот беше фантастичен – ниту еден преглед ниту половина година по примањето на лекот не покажа знаци дека туморот се вратил.
Од добивањето на лекот, ниту еден од пациентите не отишол на хеморадиотерапија или операција за отстранување на туморот, соопштија од онколошкиот центар „Меморијал Слоун Кетеринг“.
Сепак, треба да се има предвид дека студијата е спроведена на само 12 пациенти и не може да се смета за „конечна вистина“ поради малиот примерок, што значи дека треба да се спроведат студии на значително поголем број субјекти за да се потврди ефикасноста и безбедноста на овој потенцијално револуционерен лек. Онкологот Хана Саноф од Центарот Линебергер наведува дека резултатите од оваа студија „даваат причина за голем оптимизам“.
„Ако имунотерапијата може да послужи како лек за ректален тумор, тоа значи дека пациентите повеќе нема да мора да прифаќаат компромиси за да се излечат“, забележува тој.
Андреа Керчек, онколог во Меморијал Слоун Кетеринг центарот и коавтор на научната студија, нагласува дека лекарите не очекувале таков успех.
„Никогаш досега не сме виделе вакво нешто. Онколозите сонуваат за вакви резултати“, рече таа. Според лекарот, лекот „достарлимаб“ го отклучува природниот имунолошки систем на телото и му овозможува да се бори со туморот.
Кога лекарите даваат имунотерапевтски лек како што е достарлимаб, имунолошкиот систем може да ги види клетките на туморот и да се ослободи од нив. Она што е толку фасцинантно е што новиот лек го елиминирал ракот, односно туморот едноставно исчезнал, велат истражувачите.