„Јас сум постојано умерен или разумен оптимист. Треба да вложиме напори до јунскиот самит и да се искористи просторот и процесот, за да се даде шанса на француското претседателство. Сепак, не треба да се креваат очекувањата, бидејќи не зависат сите работи од нас“ рече вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ во „Клик плус“ на ТВ21.
Тој додаде дека комплицирана е ситуацијата и во Бугарија и во ЕУ, но на земјава останува да даде максимум, за да нема после аргументи дека ние сме пречка во процесот.
„Добро е што целиот спор со Бугарија се сведе на неколку клучни прашања. Претходно ние имавме проблем да сфатиме што Бугарија очекува и која е пречката за отворање на нашите преговори со ЕУ. Темите се разјаснија уште минатата година, а сега работиме во таа рамка. Нам ни е битно да имаме еден сеопфатен документ кој јасно ќе ги утврди правата и обврските на двата страни и ќе даде предвидливост во нашите односи и преговорите со ЕУ“ рече Маричиќ.
Вицепремиерот додаде дека сепак важно е како договореното во тој документ би се мониторирало, односно што може, а што не може да биде дел од процесот на преговори со ЕУ, за да не се претвори тој процес во билатерален.