13.8 C
Скопје
25. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Бесими: Продолжуваме со реформи во јавните финансии базирани на концептот смарт-финансии

Министерството за финансии ги продолжува активностите за развој на системот на управување со јавните финансии. Првата програма за реформа на управувањето со јавните финансии е донeсена пред четири години, а денеска се одржа дијалог за политиките за новата нацрт-програма заедно со сите релевантни партнери – ЕУ, меѓународните институции, како ММФ, Светската банка, УНДП и други, УСАИД, амбасади, граѓански организации, академската заедница. Програмата за реформа на управувањето со јавни финансии е стратешки документ за развој на системот на управување со јавните финансии. Реформите се почнати во претходниот четиригодишен период (2018-2022), а новата нацрт-програма обезбедува продолжување на реформите во оваа област, информираа од Министерството.

„Управувањето со јавни финансии е особен предизвик во услови на турбулентно економско окружување, што беше наметнато од здравствената пандемија, која почна во 2020 година и предизвика не само здравствена туку и социо-економска криза, која дополнително се влоши со енергетската криза и актуелната војна во Украина изместувајќи ги речиси сите економии од нивната преткризна траекторија на раст. Потребата да се преземат економски мерки предизвикаа зголемување на расходите на државата поради експанзивната фискална политика и ја поместија среднорочната рамка на планираните фискални таргети со зголемени дефицити и јавен долг. Со ова се потенцира важноста на одржливоста на јавните финансии и се истакна потребата од балансирање помеѓу краткорочните стабилизациски цели и долгорочната фискална одржливост преку рационализација на јавните расходи на среден рок, како и мерење на резултатите од реализацијата на расходите со цел зголемување на ефикасноста на трошењето и постигнување фискална одржливост на среден рок“, рече Бесими.

Тој истакна дека понатамошното подобрување на управувањето со јавните финансии е неопходно не само како поддршка на мерките за фискална консолидација и структурни реформи туку и како процес што го подига квалитетот на јавната администрација и обезбедува амбиент кој е атрактивен и посакуван терен за инвеститорите.

Програмата се базира на концептот смарт-систем на јавни финансии или во буквален превод паметни финансии, кој ќе се базира на јасна стратегија и ќе биде одржлив, одговорен, реформски ориентиран и транспарентен, кој ќе ги имплементира реформите што треба да се направат во јавните финансии, во смисла на подолгорочно и поквалитетно планирање на буџетските програми и буџетите, ќе биде континуиран, односно одржлив и во континуитет ќе дејствува кон подобрување на транспарентноста. Од аспект на економска филозофија или политичка економија ова ќе значи стремење кон поправичен модел на јавни финансии гледано од аспект на приходи, расходи и начин на финансирање, односно популарно кажано – како се полни буџетот и како и каде се трошат парите на граѓаните. Фокусот е ставен на замена на традиционалното буџетирање со буџетирање засновано на резултати и воведување повеќегодишна буџетска рамка, појаснуваат од Министерството за финансии.

Истакнувајќи дека еден од главните столбови на смарт-системот мора да бидат транспарентноста и отчетноста на јавните финансии, Бесими рече дека транспарентноста изминатите години е клучен збор во политиката. Неговата реална вредност за јавните финансии е дека тоа е највисок степен на фискална контрола, каде што информацијата на јавноста се дава на едноставен и општо разбирлив начин, а јавноста суди и одлучува дали тоа е вистинска или оправдана или легална одлука.

Спонзорирано: