22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Ангеловска-Бежоска: Корона-кризата докажа дека банкарскиот сектор е отпорен на шокови

Новите закани коишто ги донесе корона-кризата докажаа дека банкарскиот сектор во регионот и кај нас е отпорен на шокови и има капацитет да им одговори на предизвиците коишто можат да произлезат од руско-украинскиот конфликт. За заштита на економиите и финансиските системи, важно е монетарната политика постепено да се враќа во нормална состојба. Ова го посочи гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, која учествува на Десеттиот годишен состанок на гувернери и банкари од регионот, којшто се одржува во Ровињ, Хрватска.

Зборувајќи за банкарскиот сектор кај нас, гувернерката Ангеловска-Бежоска посочи дека банките го одржаа кредитниот циклус во сложените услови на пандемијата, додека кредитирањето дополнително зајакна од почетокот на годинава.

„Кредитирањето се зголеми за 10% во март, при што растот на кредитирањето на корпоративниот сектор го надмина растот кај домаќинствата. Нефункционалните кредити и натаму се на ниско ниво од 3,1% во март, што е меѓу најниските во земјите од Западен Балкан и пошироко и воедно е подобро во однос на нивоата забележани пред пандемијата. Банките располагаат со доволно капитал, што е важна предност при справувањето со ризиците. Финансиската изложеност на нашата земја кон Русија и Украина е доста ниска и немаме присуство на руски и украински банки. Редовните стрес-тестови, исто така, покажуваат дека банкарскиот систем во целина е отпорен на евентуални шокови“, вели Ангеловска-Бежоска.

Таа додаде дека предизвиците со кои се соочи банкарскиот сектор кај нас дојдоа главно од шпекулациите за стабилноста на девизниот курс, коишто беа прилично изразени од почетокот на руско-украинската криза. Сепак, благодарение на традиционално високите нивоа на ликвидност на домашните банки, како и решителната реакција на Народната банка, ситуацијата брзо се стабилизира.

„Нивото на девизните резерви и натаму е солидно и може да ја гарантира стабилноста на девизниот курс. Покрај тоа, пристапот до специјалната репо-линија обезбедена од Европската централна банка е дополнителен заштитен механизам, којшто ја поддржува стабилноста на девизниот курс“, посочи гувернерката.

Таа истакна дека иако очекувањата за економски раст и во Европа и во регионот се намалени, сепак проекциите за годинава сè уште се позитивни. Кредитирањето е умерено и претпазливо. Коефициентот на долгот во однос на приходите е околу 40%, што се смета за претпазливо ниво и во согласност со европските лимити. Ова значи дека корисниците на кредити се помалку чувствителни на случувањата, вклучително и на ефектите од евентуалното затегнување на монетарната политика. Од особено значење е кога монетарната политика ќе се враќа кон нормалната состојба, тоа да се прави постепено за да се избегнат можните ранливости, посочи гувернерката.

Инаку на настанот на кој учествуваше Ангеловска-Бежоска, зборуваше и Клаус Рeглинг, првиот човек на Европскиот стабилизациски механизам, како и гувернерите на централните банки од регионот, односно на Хрватска, Борис Вујичиќ, на Словенија, Боштјан Васле, на Босна и Херцеговина, Сенад Софтиќ и на Црна Гора, Радоје Жугиќ. Годишниот состанок е наменет за разгледување на актуелните теми и политики и на него учествуваат гувернерите на централните банки, експертите од областа на монетарната политика, претседателите на регионалните деловни банки и членовите на одбори, како и претставниците на меѓународните финансиски институции. Теми на овогодишниот состанoк се економското закрепнување во контекст на конфликтот во Украина и санкциите кон Русија, неизвесноста и финансискиот сектор, инфлацијата и монетарната политика.