Повреда на главата и мозокот е причина за смртта на хрватскиот ракометар Денис Тот, покажа обдукцијата на Судската медицина. Осомничени се три лица, две момчиња и една девојка кои ќе се товарат за сторено Убиство. Едното момче и девојката се веќе приведени, а органите се уште трагаат по 28-годишник со иницијали А.Ѓ, за кого е распишана и потерница. Полицијата извршила претрес во неговиот дом, а одземени се и предмети кои допрва ќе се вештачат.
Поради тежината на стореното кривично дело Јавното обвинителство ќе бараа притвор за осомничените.
Ракометарот од скопскиот клуб Бутел бил нападнат пред скопска дискотека во Градскиот парк.
-Кривично правниот настан се случил на 7 овој месец, во раните утрински часови, пред ноќен клуб во Скопје кога осомничените по кратка вербална расправија, го нападнале сега починатиот хрватски државјанин и му задале повеќе удари со боксови и клоци. Од ударите сега починатиот паднал и со задниот дел од главата удрил во асфалт и изгубил свест. Тројцата осомничени продолжиле со дејствија на удирање по главата, а потоа, без да му укажат помош, заминале од местото на настанот. Лице вработено во ноќниот клуб повикало Итна медицинска помош по што сега починатиот бил пренесен на Ургентниот центар при Клиниките „Мајка Тереза“. Според информациите од лекарите што го примиле сега починатиот, лицето имало престанок на работата на срцето, масивен оток на мозокот, пресечен јазик и висока телесна температура. По приемот бил ставен на апарати за дишење и бил во животно загрозувачка состојба, а наредниот ден и покрај обидите за реанимација починал, велат од ОЈО.
За настанот обезбедени се и видео записи од безбедносните камери.
-Обезбедени се видео записи од безбедносни камери, Safe City и ноќниот клуб, а од страна на ЕУМНА при СВР Скопје подигнати се предмети од починатиот што ќе бидат предадени во ОКТИВ при МВР за вештачење.
Во јавноста се појавија разни информации за смртта на младиот ракометар. Првично лекарите тврдеа дека ракометарот немал повреди, а дека најверојатно доживеал срцев удар. Дури и братот на Денис, Борис Тот преку социјалните мрежи пишуваше дека единствената вистина е оти починал како последица на срцев удар.
ВМРО ДПМНЕ вмеша политика во случајот, доби возвратен удар на провокацијата од СДСМ – осомничениот по кој трага полицијата всушност еподдржувач на опозицијата вели владејачката партија
По провокативното прашање испратено од ВМРО-ДПМНЕ, до Министерството за внатрешни работи, со кое од опозицијата прашаа дали одговорните за убиството на ракометарот Денис Тот се лица припадници на нарко картел, блиски до министерот Оливер Спасовски, од владејачката СДСМ возвратија соодветно.
„МВР постапува професионално и го расчистува случајот со убиството, за што јавноста е навремено информирана. А ВМРО ДПМНЕ да не си ја ишка мувата од капата. По одредени информации кои се појавија оваа партија треба да одговори дали човекот по кој трага МВР е активист и поддржувач на ВМРО-ДПМНЕ?“, возвратија од СДСМ, на провокацијата од ВМРО-ДПМНЕ.
Како поле за политизација на случајот е и твитер, каде ботовите на опозицијата без да ги проверат фактите навалија на обвинување на СДСМ за случајот, но откако СДСМ постави прашање дали еден од осомничените е поддржувач на опозицијата, сето тоа стивна и сите почнаа ситуацијата да ја релатизивираат, некои дури и побараа политиката да не се меша во случајов.