Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија, денеска го посетија ученици од Гимназијата „Никола Карев” од Скопје, во рамки на активноста Отворен Кабинет.
Учениците имаа можност да се сретнат и да поразговараат со претседателот Пендаровски, да присуствуваат во просториите во коишто се реализираат официјалните и работните средби, како и во салите во коишто се одвиваат состаноци, свечености, настани и прес-конференции, седници на Советот за безбедност, предавање на акредитивни писма од странски амбасадори.
Посетителите го разгледаа и импозантниот диптих „Македонија – светла земја“ и „Македонија памети“ поставен на двата ѕида во Мозаик салата, чија симболика беше презентирана од уметницата Елена Чемерска, ќерка на авторот – академик Глигор Чемерски, еден од најзначајните современи македонски уметници.
Учениците СУГС Гимназија „Никола Карев” присуствуваа и на церемонијата за промена на државното знаме на платото пред Кабинетот, извршена од припадниците на Баталјонот за почести и опслужување на Армијата, што се одржува со цел подигнување на чувството и почитта кон знамето на Република Северна Македонија, како репрезент и симбол на државноста на нашата земја.
Денешната посета на учениците е дел од проектот Лице в лице со Претседателот, во чиишто рамки се реализираат директни средби на граѓаните со претседателот Стево Пендаровски. Досегашните посетители на Кабинетот се граѓани од различни возрасти и занимања, студенти од земјава и од странство, како и ученици од основни и средни училишта од земјава.