25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
????????????????????????????????????
МАКЕДОНИЈА

Демократски сојуз: Тие што живеат во странство не можат да бидат дел од вкупното население

Павле Трајанов бара експертски тим да ги провери сите нелогичности и да се објават статистичките податоци кои се одраз на реалните-фактички состојби, беше посочено на денешната прес-конференција.

Резидентно население се сите лица кои живеат во Република Северна Македонија, без разлика дали во моментот се во Република Северна Македонија или во странство, додека нерезидентно население се сите лица коишто имаaт вообичаено место на живеење во Македонија, но престојуваат во странство повеќе од 12 месеци (една година), се посочува во информацијата.

Од страна на Демократскиот сојуз е наведено дека партиите што собираа потписи за одложување на пописот, како и оние што организирано повикуваа на бојкот, имаа огромно влијание за големиот број непопишани лица, посебно кај иселениците, односно наши државјани кои престојуваат во странство.

„На денот на завршување на пописот, 30 септември 2021 година, директорот на Државниот завод за статистика ја информира јавноста дека се попишани 1.832.696 лица (најверојатно без 132.260 лица кои не беа попишани, но подоцна при обработка и проверки со вкрстување на податоци од евиденциите, дополнително се попишани и вградени во вкупниот број на резидентно население), 568.175 домаќинства и 837.255 станови, додека по обработката на податоците на 30.3.2022 година е објавено дека се попишани 1.836.713 вкупно резидентно население, 598.632 домаќинства и 839.174 станови. Разликата, односно порастот од 30.000 домаќинства (од завршувањето на пописот до објавата на податоците) не е можно да е статистичка грешка, ниту, пак, лапсус лингва. Овие податоци не кореспондираат со официјално објавените податоци по завршување на пописот“, истакнуваат од оваа партија.

Посебно индикативни, како што велат, се информациите дека обработувачите на податоците од Државниот завод за статистика се соочиле со проблеми околу резидентни и нерезидентни лица за кои било тешко да се утврди во која група припаѓаат, при што имало процес на дополнителни проверки преку постојните евиденции (кои не се на високо оперативно ниво), но сепак се вградени во групата на резидентни лица. Според непотврдени информации, се работи за околу 50.000 лица.

„Граѓаните искажуваат недоверба во објавените податоци и генералната оценка е дека пописот не е одраз на реалните состојби, при што се зголеми и недовербата кон институциите и власта во целина. Повеќе од јасно е дека граѓаните не треба да се делат по национална, јазична или верска основа, меѓутоа со Уставот и законите согласно Охридскиот рамковен договор (2001), дефинирани се права на етничките заедници кои зависат од процентуалната застапеност во вкупниот број на население, односно согласно амандман VI, точка 1 на Уставот, соодветна и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и другите јавни институции на сите нивоа, поради што е битна и ваквата карактеристика“, потенцираат од Демократскиот сојуз.

Според нив, овие податоци, за резидентното и нерезидентното население, ако не се раздвојат, не може да се споредуваат со претходните пописи, ниту, пак, да се планираат стратегии за развој во различни области, ниту, пак, за научни цели, а уште помалку за остварување права според етничката припадност.

Врз основа на информацијата и расправата, предлагаат, како што истакнаа, Собранието на Република Северна Македонија, да ги донесе следните предлог заклучоци:

1. Да се донесат измени и дополнување на Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, со кои од пописот ќе се изостават нерезидентите.

2. Преку вкрстување на податоците од евиденциите, но и со директен контакт со лицата кои не се попишале, да се соберат податоците согласно прашалникот за попис.

3. Владата на Република Северна Македонија да формира Експертска комисија составена од девет члена, која во соработка со Државниот завод за статистика и другите државни институции ќе ги провери податоците од пописот и ќе ги отстрани евентуалните грешки.