25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.ТЕМАМАКЕДОНИЈА

Министерството за финансии: И во 2022 година поддршка за станбен кредит преку проектот „Купи куќа, купи стан“

Министерството за финансии ќе објави нов повик за проектот „Купи куќа, купи стан“, на кој заинтересираните граѓани ќе може да аплицираат за субвенциониран кредит за обезбедување нов дом.

Информацијата за спроведување на проектот и негово продолжување во 2022 година со предлог да се објави нов повик беше усвоена на седница на Владата, информираат од Министерство.

„Граѓаните ќе може да аплицираат за една од двете варијанти за субвенции на рата или за субвенционирање на учеството за купување стан или изградба на куќа во деловните банки, кои се дел од проектот ‘Купи куќа, купи стан’ по објавувањето на јавниот повик.

Досега се одобрени вкупно 2.010 барања за субвенциониран стабен кредит, а одобрените кредитите се во вкупен износ од над 73 милиони евра, за кои одобрените субвенции се во износ од 18,3 милиони евра.

Граѓаните од двата понудени модела го користеле повеќе моделот субвенција на рата за кој се одобрени 1.486, а за субвенција на учеството 524 барања. Според намената, граѓаните повеќе го искористиле за купување стан, односно од вкупно одобрените барања, 1.676 се за купување нов стан, а 334 се за изградба, купување, доградба или надградба на куќа.

Проектот „Купи куќа, купи стан“ се реализира во согласност со Законот за субвенционирање станбен кредит, со неколку измени во критериумите, со цел да им се помогне на семејствата, особено на младите, да си го решат сопственото станбено прашање.

Каматната стапка во првите три години од реализацијата на проектот изнесуваше 4,99 %, а по истекот на периодот од три години, во следните две години каматната стапка можеше да се зголеми најмногу 10 %. Потоа се унапредија условите за обезбедување сопствен дом, а најголема поволност за граѓаните беше значителното намалување на каматните стапки за одобрување на субвенциониран станбен кредит. За субвенционирање рата од кредит во првите 3 години, каматната стапка се намали од 4,99 на 2,9 % годишно, а во наредните 2 години каматната стапка се намали од 5,5 на 3,9 %. Во однос на моделот за субвенционирање на учеството од субвенционираниот кредит, каматната стапка се намали и изнесува најмногу до шестмесечен ЕУРИБОР + 4,0 п.п. на годишно ниво во текот на целото времетраење на отплата на кредитот.

Со реализацијата на проектот исто така се постигна значајно унапредување на станбеното кредитирање и од страна на комерцијалните банки, кои денес нудат станбени кредити со рекордно ниски камати и многу поволни услови. Дополнително, и периодот на фиксната каматна стапка, која пред десеттина години беше од една до две години, сега изнесува до десет години. Имајќи го предвид горенаведеното, целта на проектот е постигната и многу граѓани си го решија сопственото станбено прашање“, се наведува во соопштението на Министерството за финансии.

Во него се додава дека во согласност со усвоената информација на Владата, јавниот повик, кој ќе биде објавен за 2022 година, ќе биде воедно и последниот објавен повик во рамките на проектот „Купи куќа, купи стан“.